Средба на министерката Канческа-Милевска со хрватскиот амбасадор во Македонија

Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска се сретна со хрватскиот абасадор во земјава Златко Крамариќ. На средбата, како што се наведува во соопштението,  потенцирани се традиционално добрите културни врски помеѓу двете земји, а се разговараше и за интензивирање на соработката меѓу институциите од областа на културата.

Канческа-Милевска, на средбата меѓу другото, информираше дека на 30 март годинава во реномираната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб ќе биде одржан концерт на маестро Симон Трпчески, а воедно, во Националната библиотека во хрватската метропола ќе се одржи промоција на едицијата 130 тома македонска книжевност на англиски јазик.

Амбасадорот Крамариќ го истакна своето задоволство од интензивните контакти во областа на културата меѓу двете земји, особено во размената на проекти меѓу институциите.

Министерката подвлече дека во 2012 година, согласно Годишната програма на Министерството за култура, предвидена е реализација на повеќе активности преку кои ќе се промовира македонската култура во Хрватска. Прилепскиот театар ќе се претстави на фестивалот „Еуроказ 2012“ во Загреб, Македонската филхармонија ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Дубровнички летни игри“ во Дубровник, изложбата „Синестезија“ ќе биде претставена во Ровињ и Пула и други настани.

Таа потенцираше дека Министерството за култура ги поддржува активностите на здруженијата на Хрватите во Република Македонија, Македонско-хрватското друштво „Марко Марулиќ“ во Битола и Здружението на Хрватите во Скопје.