Владина делегација, предводена од премиерот Груевски во Индија и Малезија ќе ги презентира инвестициските можности во Македонија

Делегација на Владата на Република Македонија предводена од претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски, а во чиј состав се заменик на претседателот на Владата и министер за финансии, г-дин Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции, г-дин Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски зони, г-дин Виктор Мизо, од 5 до 8 март 2012 година ќе престојува во Индија.

За време на посетата на Индија владината делегација ќе ги посети градовите Њу Делхи, Пуне и Бомбај каде што ќе се одржат презентации на инвестициските можности што ги нуди Република Македонија пред повеќе индиски инвеститори. Покрај тоа, предвидено е владиниот тим да оствари и директни средби со заинтересирани индиски корпорации.

После посетата на Индија, македонската делегација предводена од премиерот Груевски ќе ја посети и Малезија, каде што на 9 март во Куала Лумпур ќе се одржи инвестициски форум за презентација на македонските инвестициски можности пред повеќе компании од оваа растечка источноазиска економија.