Oд четвртиот состанок на Комитетот за минерални суровини при Владата на Република Македонија

Комитетот за минерални суровини при Владата на Република Македонија, вчера (сабота, 03.03.2012 година) го одржа четвртиот состанок со кој претседаваше премиерот Никола Груевски.

На состанокот беа разгледувани повеќе прашања од областа на експлоатацијата на минералните суровини, како и информации за тековните активности од оваа сфера.

Комитетот за минерални суровини го разгледуваше статусот на нерешени предмети со поднесени барања за концесии, при што беше одлучено да формира работно тело кое ќе ги унапреди условите и можностите за стопанисување. Телото има задача да направи измени на соодветните закони од областа на земјоделието, екологијата и заштитата на животната средина, за да се унапредат и олеснат условите за компаниите кои сакаат да вршат детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини, со цел можност за добивање концесија и да започнат со работа. Тоа од своја страна ќе овозможи отворање на нови работни места од страна на компаниите и  подобрување на економскиот развој.

Дополнително, на состанокот се дискутираше за зајакнување на капацитетите на Државниот завод за техничка инспекција, и на другите државни институции во вршењето на редовните и вонредните контроли врз оние компании кои вршат детални геолошки истражувања, а за кои постои основано сомнение и индиции дека незаконски постапуваат и дејствуваат.