Груевски: Со Пападимос разговаравме за одделни аспекти на проблемот

Претседателот на Владата Никола Груевски денеска изјави дека неодамнешната средба со грчкиот премиер Лукас Пападимос во Брисел имала информативен, запознавачки, но и сериозен карактер и оти на неа се и разговарало за одделни аспекти на проблемот со името наметнат од јужниот сосед.  

- Средбата имаше сериозен карактер, имаше и запознавачки карактер бидејќи првпат се гледаме, информативен карактер за тоа што се случувало во минатото, како се одвивале работите. Имаше и малку посуштински карактер, да речеме, кога разговаравме за одделни аспекти на проблемот, рече премиерот Груевски кој денеска присуствуше на доделувањето на првите национални пензии на македонските уметници.

Во овој момент, посочи тој, не би сакал нешто посебно да коментирам бидејќи тоа беше прва средба помеѓу двајцата премиери.

- Би почекал да го видам фидбекот од средбата. Би требало да оставиме некоја недела да видиме дали ќе има некој позитивен одговор од таа средба кој што ќе ги динамизира понатамошните наши контакти и ќе даде некој резултат кој ќе биде на задоволство на двете земји, изјави премиерот Груевски.