ССК и Универзитетот Шефилд со поддршка на МОН отвораат академија за менаџери

Менаџерите од компаниите отсега ќе имаат можност да ги надградат своите знаења и да се доквалификуваат во академијата што на иницијатива на Сојузот на стопански комори на Македонија ќе се формира во Скопје.

Академијата ќе биде основана од страна на Сојузот на стопански комори и Универзитетот Шефилд со поддршка од Министерството за образование и наука. На неа ќе предаваат истакнати професори од Универзитетот Шефилд во Солун. Во првата година академијата ќе се наоѓа во просториите на Сојузот на стопански комори, а планирано е предавањата да се одржуваат во петок, сабота и недела.

Во почетокот ќе бидат понудени четири модули - финансии, менаџмент, маркетинг и управување со човечки ресурси за кои Министерството за образование и наука ќе додели по 10 стипендии. Висината на стипендиите се уште не е утврдена, но најверојатно за еден модул ќе чини 500 евра.  

По тој повод денеска беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Министерството за образование и наука, Сојузот на стопански комори на Македонија и Универзитетот Шефилд од Солун. Документот го потпишаа министерот за образование и наука Панче Кралев, директорот на СИТИ Колеџот Јанис Верверидис и претседателот на Сојузот на стопански комори Златко Калеников.

- Наша цел како Министерство за образование и наука е да им овозможиме на нашите менаџери континуирани можности за надградување на знаењата преку програмите и модулите што ќе ги нуди академијата. Иако нашите стипендии се договорени за првите четири модули, наша интенција е и во иднина да продолжиме да ја поддржуваме академијата на различни начини, истакна министерот Кралев по потпишувањето на Меморандумот.

Покрај доделување стипендии, Министерството за образование и наука ќе помогне и во формирањето на академијата и дистрибуцијата на информации до сите релевантни институции за можностите и програмите што ќе ги нуди академијата.

Според Верверидис, визијата е да се создаде водечка академија во регионот на Југоисточна Европа која ќе го подигне нивото на компетенции и квалификации на менаџерите.

- Академијата ќе понуди висок квалитет на образование и ќе биде целосно дизајнирана и организирана со комплетна одговорност на Универзитетот Шефилд и неговиот меѓународен факултет, рече Верверидис.

Претседателот на ССК Калеников истакна дека отворањето на академијата е долгогодишна идеја која се појавила поради недостигот на едуцирани менаџери по странски стандарди или школи во кои е застапена праксата. 

Тој додаде дека членките на ССК ќе ги едуцираат своите вработени во неколку модули на трошок на компаниите што значи дека тоа би било делумно бесплатно за менаџерите.

Се очекува првиот модул да се одржи од 23 до 25 март годинава. По завршувањето на модулот учесникот ќе добие сертификат за учество.