Обраќање на МНР Попоски пред Советот за човекови права на Обединетите нации

Денеска, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, се обрати пред Советот за човекови права на Обединетите нации во Женева. Во своето излагање, министерот Попоски истакна дека почитувањето и унапредувањето на човековите права и достоинството на човекот е наша обврска кон постојните и кон идните генерации. Истакна дека Република Македонија силно ја поддржува работата на Советот за човекови права, кој го зајакнува својот кредибилитет, посебно по засилениот ангажман во државите од Северна Африка и Блискиот исток. Министерот Попоски ги реафирмираше приоритетите на државата во сферата на заштитата и промоцијата на човековите права на меѓународно и на национално ниво. Соопшти дека Република Македонија, со своето конкретно искуство и желба да придонесе во работата на Советот, поднесе кандидатура за членство во ова тело за периодот 2014-2016. година.

На маргините од состанокот, министерот Попоски, оствари средби со министрите за надворешни работи на Словенија, Карл Ерјавец, на Молдавија, Јурие Леанка, на Индонезија, Марти Наталегава, како и со министерот за европски прашања на Република Ирска, Лусинда Крејтон.

Министерот за надворешни работи на Словенија, Ерјавец, ја повтори јасната поддршка што неговата земја ја дава за Република Македонија на патот кон Европската унија и кон НАТО, нагласувајќи дека долгогодишниот застој и позицијата на статус кво е неодржлива и бескорисна, а Европската унија не може да биде целосна и комплетна без земјите од Западен Балкан. Министерот Попоски ги презентираше аргументите содржани во пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, при што изрази надеж дека иако официјално темата за проширување не е на дневен ред на Самитот на НАТО во Чикаго, сепак нема да се запостави прашањето за членство на Република Македонија во Алијансата. На средбата е искажан заемен интерес за унапредување на економската соработка меѓу двете земји во наредниот период.

Во разговорот со министерот за европски прашања на Ирска, Лусинда Крејтон, беше побарана поддршка од Ирска за отпочнување на пристапните преговори за членство на Република Македонија во Европската унија. Од ирска страна беше искажана подготвеноста за натамошна поддршка со укажување дека е потребен дополнителен притисок и врз Европскиот парламент (и особено врз Европската народна партија) за придвижување на евроинтегративните процеси на Република Македонија.

На средбата со министерот за надворешни работи на Молдавија, од молдавска страна беше побарана поддршка од Република Македонија во однос на размена на искуства од спроведувањето на реформите во правосудниот систем, како и во однос на дијалогот за визна либерализација со ЕУ.

На средбата со министерот за надворешни работи на Индонезија, беше истакната потребата од зголемување на економската соработка и поттикнување на инвестициите. Беше презентиран и заемен интерес за олеснување на визниот режим за граѓаните од двете земји.

Во разговорите, министерот Попоски побара поддршка од соговорниците, за кандидатурата на Република Македонија за членка на Советот за човекови права на Обединетите нации за периодот 2014-2016. година.