Филипче: Препорака до Владата неодржувањето на јавни масовни собири и спортски натпревари да продолжи до 13 март

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, на прес-конференција информираше дека утрово на редовниот состанок со Комисијата за заразни болести и формираниот комитет за следење и информирање за состојбата со корона вирусот било предложено Владата да ја продолжи препораката за неодржување на јавни масовни собири и спортски натпревари без публика, до 13 март.

„Препораката да не се одржуваат масовни собири, како и големи спортски натпревари, на коишто очекуваме луѓе од странство, да се одржуваат без публика и да се продолжи уште една недела, до 13-ти март - следниот петок. Оваа мерка доаѓа како резултат на тоа што бројот на лица во Европа континуирано се зголемува“, информираше министерот Филипче.

Тој истакна дека нема нови тестирани пациенти на корона вирус на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Здравствената состојба на единствената пациентка со корона вирус е добра.

Министерот Филипче соопшти дека екипа на епидемиолози прават разговор со двајца странци сместени во хотел во центарот на Скопје, кои во изминатите 3 дена имаат симптоми на настинка. Во државата стигнале на 28 февруари со авионот на „Wizz Air“ од Келн. Едниот е државјанин на Австралија, а другиот на Сингапур. Со епидемиолозите разговараат за контактите што ги имале и за 3 до 4 часа ќе бидат готови и нивните резултати од тестирањето на корона. Тие засега остануваат изолирани во хотелската соба каде што двајцата биле сместени.

„Имавме разговор со мобилните оператори со цел да воведеме уште една мерка на контрола. Мобилните оператори излегоа во пресрет и чекаме да се изработи техничко решение со кое сите странци кои влегуваат во нашата земја со посебна порака ќе бидат известени за тоа што треба да преземат и каде да се јават доколку им се јават симптоми на болеста. Идентични податоци од флаерот којшто го добиваат на некои од граничните премини или на аеродромите во текстуална порака ќе им стигне веднаш откога ќе се вклучат на било која од нашите мрежи. Мобилните оператори најавија дека оваа можност ќе биде во функција уште денеска, за што им благодарам“, потенцираше министерот Филипче.

Околу 4250 лица се заболени од корона вирус во регионот Европа, скоро 1000 повеќе од вчерашниот ден. Во нашиот регион, има нови пациенти со корона вирус, еден во Словенија и двајца во Република Србија.

„Синоќа разговарав и со нашиот конзул во Италија. Италија ги затвори сите училишта и универзитети до 15 март, а во Северна Италија остануваат во сила донесените мерки. Конзулот има најава дека има наши државјани коишто се на работа таму и поради овие мерки, бидејќи голем дел од нив не можат да одат на работа, некои веќе сакаат да се вратат во нашата земја. Тој работи на тоа да има интензивна комуникација со нив за да евентуално поголемите организирани групи на наши граѓани кои би доаѓале во Италија се најават претходно, со цел да имаме подобар увид на влезот на патници“, истакна министерот Филипче.