Конференција „Како и каде повеќе и подобро ќе извезуваме“

Подобрувањето на извозот е она кон што треба да се стремиме и затоа од посебна важност е да се проговори за преспективите на извозот за 2012 година, истакна министерот за економија Ваљон Сарачини  на отворањето на првата работна конференција „Како и каде повеќе и подобро ќе извезуваме“, во организација на „Капитал академија”.

- Поврзаноста на надворешната трговија и нејзиниот раст со економскиот развој е потврдена како во економската теорија, така и преку статистичките показатели во изминатите години. Повисокиот раст на трговијата се одразува на повисок раст на бруто домашниот производ. Затоа и една од основните цели на Програмата за работа за периодот од 2011 до 2015 година е токму поттикнувањето на економскиот развој, преку финансирање и поддршка на извозот, истакна Сарачини.

Реформите на Владата, истакна, се насочени кон зголемување на конкурентноста, промоција на извозот и спроведување силна кампања за привлекување на странски инвестиции.

- Извозот и промоцијата на извозот се водечки определби за годинава. Во Министерството за економија изработивме Акциски план за промоција на извозот за 2012 година, кој ги содржи активностите кои треба да се предвидат во соодветните програми и го определува изворот на средствата потребни за нивната реализација, посочи Сарачини.

Ќе бидат поддржани компании, потенцира, за остварување контакти, преку учество на саеми, ќе се помогне идентификацијата на можностите за извоз, ќе бидат достпани соодветни информации за компаниите кои ќе помогнат полесно да донесат деловни одлуки за влез или одржување  присуство на странските пазари, како и нформации како да се влезе на специфичниот пазар.

- За да се постигнат зададените реформи, како држава преземаме бројни мерки за поддршка на бизнис процесите на извозот. Значаен дел од мерките се содржани во документот „Индустриска политика на Република Македонија 2009 - 2020 година“ и Стратегијата за промоција на извозот, појасни Сарачини.

Во нив, додаде, се дефинирани извозните цели за создавање вистинска рамнотежа помеѓу странските инвестиции и поддршката на локалните компании во извозот. Тука влегува и извозната промоција.

- Улогата на Владата за поддршка на извозот е да создаде позитивен амбиент во поддршка на извозот и во градење „добар имиџ“, а како имплементатор, на политиките, важен партнер гледа во бизнис заедницата. Ваквите мерки ќе влијаат на создавање нова структура на извозот и на нови извозни сектори кои ќе се таргетираат на нови пазари и подобро позиционирање на постоечките странски пазари, рече Сарачини и додаде дека мора активно да работиме на градењето на македонски бренд, познат како „Македонија бренд“.

Европската унија и натаму останува главен извозен партнер на Македонија. Извозот во 2011 година во ЕУ е повеќе од 60 отсто, а увозот од Унијата е над 50 отсто.