Испорачани уште 68 двокатни автобуси од кинески „Јутонг“

Јавниот градски превоз во Скопје ќе добие уште 68  нови двокатни автобуси. Производителот кинески „Јутонг“ изврши нивна испорака неколку месеци порано од договореното, соопшти денеска Министерството за транспорт и врски.

Владата донесе одлука за пренесување на правото на сопственост на новите 68 двокатни автобуси од Министерството за транспорт и врски на Град Скопје.

Новите двокатни автобуси се во ретро стил како тие што се користеле за градски сообраќај во педесеттите и шеесетите години од минатиот век во Скопје. Препознатливи се исклучиво за Скопје, што значи дека нема да се возат на друга локација и не се во сериско производство. Ги исполнуваат сите потребни стандарди, односно имаат емисија на издувни гасови „ЕУРО 4“, дигитален тахограф, автоматски управувана рампа за инвалидски и детски колички, целосно се климатизирани и многу поудобни од автобусите кои моментално се користат во главниот град.

Како дел од проектот за обнова на возниот парк на ЈСП „Скопје“ досега во Македонија веќе се испорачани  68 двокатни и 80 нископодни автобуси и сe пуштени во сообраќај. До крајот на 2013 година треба да бидат испорачани уште 66 автобуси.

Проектот предвидува набавката на вкупно 202 двокатни автобуси, петнаесет отворени двокатни автобуси, како и 80 нископодни автобуси и 16 минибуси.  Со тоа за граѓаните на Скопје ќе се обезбеди  удобен, безбеден и модернизиран јавен градски превоз во главниот град на Република Македонија.

Потребата за обнова на возниот парк и овозможување пристоен превоз за граѓаните на Скопје  произлегува од фактот дека со децении наназад се возат во застарени автобуси со лоши услови за чие подобрување во минатото не се водело грижа.