Средби на МНР Никола Попоски во Женева

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денес на маргините од високиот сегмент на 19-та сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации, што се одржува во Женева, оствари средби со Државниот министер за надворешни работи на Катар, Халид бин Мухамед Ал-Атија, со министерот за надворешни работи на Португалија, Пауло Портас, како и со државниот секретар во МНР на Шпанија, Гонзало Секадес.

На средбите со министерот за надворешни работи на Португалија и со државниот секретар во МНР на Шпанија, на интерес на соговорниците, беше разговарано за прашања од регионален аспект како и за влијанието на должничката криза во соседството врз регионот. Министерот Попоски ги презентираше интересите и аргументите на Република Македонија за членство во НАТО и за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ, при што побара и конкретна поддршка од земјите од Иберискиот полуостров за натамошно продолжување на процесите на проширување. Притоа, потсети дека Алијансата уште на претходниот самит на НАТО, констатира дека Република Македонија целосно ги исполнила условите за полноправно членство во НАТО. Исто така, го презентираше и фактот дека Европската комисија, три години по ред, ја потврдува подготвеноста на Република Македонија за отпочнување на пристапните преговори за членство во Европската унија. Во тој контекст, ги образложи и правните аргументи, содржани во пресудата од Меѓународниот суд во Хаг, со очекување тие да бидат целосно почитувани и во меѓународни рамки.

На средбата со Државниот министер за надворешни работи на Катар, Халид бин Мухамед Ал-Атија, беше истакнат заемен интерес за натамошно поттикнување на билатералната соработка, посебно во економската сфера и директни инвестиции од катарски компании во Република Македонија, како и за отворање Амбасада на Катар во Скопје.

На средбите, министерот Попоски побара поддршка за кандидатурата на Република Македонија за членство во Советот за човекови права на Обединетите нации, за периодот 2014-2016 година.