Мерката за субвенционирање придонеси ја користат 22 илјади компании, покачени се платите на 119 илјади вработени - Вицепремиерката Царовска, министерот Хасан, дополнителната заменичка министерка Шкријељ и директорката Лукаревска во посета на Босут

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за економски прашања, Мила Царовска, министерот за странски инвестиции Елвин Хасан, дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска ја посетија компанијата Босут од Куманово, која произведува ХТЗ опрема и која е корисник на мерката за субвенционирање на придонеси во случај на зголемени плати за вработените, како и на мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, по разговорите со сопственикот и менаџментот на компанијата, посочи дека компанијата Босут постојано ја зголемува својата  продуктивност преку техничко-технолошки развој и овозможува добри услови за работа на нивните вработени. Таа дополни дека оваа компанија е дел од вкупно 22 илјади компании на територијата на целата држава кои ја користат мерката за субвенционирање на придонеси во случај на покачување на плати за вработените.

„Она коешто треба да се истакне е дека во оваа компанија околу 75% од работниците се субвенционирани преку последниот закон за субвенционирање на придонеси при раст на плати и ова укажува дека во текстилната индустрија имаме одлични примери каде што расте продуктивноста, растат платите, а со тоа ја подобруваме и економијата во нашата држава. Во последните пресметки заедно со УЈП утврдивме дека вкупно 119.445 илјади работници во државата во моментот ја користат оваа мерка за субвенционирање и со тоа растат платите во нашата држава. Се виде дека последните статистички податоци за декември покажаа дека просечната плата навистина рапидно расте и во континуитет се случува тоа, а тоа укажува дека и стандардот на живеење на нашите работници се подобрува“, потенцираше вицепремиерката Царовска.

Министерот за странски инвестиции Елвин Хасан, информираше дека компанијата Босут е исто така корисник на мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции, кој што дава исти можности за домашните и странски компании и преку кој досега се поддржани околу 200 компании.

„Компанијата Босут во 2017 има склучено договор за финансиска поддршка со Владата, а  во 2019 е склучен анекс со цел усогласување на промените согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Имаат аплицирано за 3 мерки, за зголемување на капиталните инвестиции, поддршка за креирање на нови работни места и поддршка за зголемување на конкурентност на пазарот. Ни претставува посебно задоволство што оваа компанија изразила желба да склучи договор и да аплицира за финансиска поддршка за 3 мерки. Како што гледате законот овозможува компаниите да аплицираат за повеќе мерки и да добиваат финансиска поддршка согласно законските одредби“, посочи министерот Хасан.

Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, се осврна на мерките кои произлегуваат од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување во 2020 година, при што нагласи дека овие мерки се креирани токму за потребите компаниите, работниците и невработените лица во земјата, со особен фокус на младите лица.

„Износот којшто се обезбедува за Оперативниот план за 2020 година е навистина рекорден. Заедно со партнерите обезбедуваме 1,45 милијарди денари, се со цел да излеземе во пресрет на компаниите од една страна и од друга страна, работиме на намалување на невработеноста општо во нашата држава, а особен фокус ни се младите лица. Токму затоа ги упатуваме сите компании да ги користат што повеќе мерките што ги нудиме преку оперативниот план, што не се само субвенционирање на раст на плати, туку и обука кај познат работодавач, практикантство и последната мерка младински додаток којшто се однесува и е поддршка токму во фирми од производствената дејност. Преку оваа мерка се обезбедуваат 3000 денари месечен надомест  директно на сметка на младите лица. Досега имаат аплицирано околу 2800 лица за користење на оваа мерка, така што ги упатувам и самите компании да ја промовираат мерката и еден апел до сите млади лица коишто се вработени или сакаат да се вработат во компании како што е оваа, кадешто нудат квалитетни и добро платени работни места  да се упатат во Агенцијата за вработување“, нагласи Шкријељ.

Директорката на Управата за јавни приходи Лукаревска, истакна дека мерката за субвенционирање на придонеси во случај на покачување на плата е одлично прифатена во сите компании, на цела територија на Република Северна Македонија.

„Законот за сувенционирање на придонеси за повисоки плати е уште еден доказ дека владината програма и владините мерки секојпат се во интерес на граѓаните. УЈП направи една анализа во делот на тоа каде се имаме даночни обврзници коишто ја имаат искористено оваа мерка и за колку работници станува збор. На пример, во Скопје имаме 8.860 работодавачи на 51.760 вработени лица, во регионот околу Битола 4.230 работодавачи на 23.239 работници, во регионот на Прилеп 2.825 работодавачи на 14.890 работници, во Струмица 2.696 работодавачи за 13.651 работник, во регионот на Тетово 3.043 работодавачи за 10.498 работници и во регионот на Штип 4.151 кој што се однесува за 26.844 работници“, ги претстави анализите направени согласно регионалните дирекции коишто ги има УЈП и се однесуваат на регионално ниво директорката Лукаревска.

Сопственикот на компанијата Босут, Драган Стефановски посочи дека оваа компанија во моментов вработува 415 лица кои се вработени во четири производствени објекти на територија на општините Куманово, Крива Паланка, Ранковце и Кратово. Тој нагласи дека мерката за субвенционирање на придонеси за пораст на платите, како и мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите се одлично конципирани и помагаат за понатамошен раст и развој на домашните компании.