Премиерот на Северна Македонија: Кредибилноста на ЕУ се става под знак прашалник поради разговорите за членство

ЛОНДОН – ЕУ ризикува да изгуби уште повеќе од својата кредибилност ако не ја покани Северна Македонија да започне разговори за членство, изјави премиерот на оваа балканска држава во понеделникот. 
Оливер Спасовски кој ја води техничката влада во подготовката за парламентарни избори во април, изјави дека тоа што ЕУ не им даде зелено светло на Северна Македонија и Албанија минатиот октомври, создаде несигурност на Западен Балкан. 
Францускиот претседател Емануел Макрон беше движечката сила зад овој став, тврдејќи дека пристапниот процес за ЕУ има сериозни недостатоци. Европската комисија, заедно со другите лидери на ЕУ, изјавија дека Северна Македонија и Албанија ги спровеле демократските реформи кои се потребни за започнување преговори – но одлуката за отворање на преговори бара едногласност меѓу земјите членки на ЕУ. 
Оттогаш, Комисијата, земајќи ги предвид приговорите на Макрон, воведе измени во пристапниот процес. На почетокот на месецот планот доби поддршка од францускиот лидер кој даде, досега најјасен сигнал, дека е подготвен да не приговара за двете земји да отворат преговори за членство. 
Лидерите на ЕУ, вклучително и германската канцеларка Ангела Меркел, притискаат да се даде зелено светло за двете земји на самитот кој треба да се одржи следниот месец. Сепак, сè уште не е јасно дали се сите согласни со оваа цел. 
Некои политичари во Северна Македонија во предизборниот период го користат одбивањето на ЕУ да отвори преговори за членство како причина да се откажат од договорот со Грција. 
„Навистина верувам дека е фер да се донесе одлука за отворање пристапни преговори со Северна Македонија“, изјави Спасовски за ПОЛИТИКО преку владин толкувач на инвестициската конференција што се одржа во Лондон. „Најдобро е оваа одлука да се усвои во март. Кредибилноста на ЕУ се става под знак прашалник кога станува збор за усвојување на одлуката за отворање на преговорите“. 
„Октомвриската одлука дефинитивно поттикна национализам во Северна Македонија“, додаде тој.  „Ги мотивираше политичките структури што се против нашето членство во ЕУ и НАТО. Создава несигурност во целиот регион и веќе ја намали кредибилноста на ЕУ“. 
Северна Македонија го промени своето име од Македонија минатата година како дел од договорот да се реши деценискиот спор со Грција, со што ќе се стави крај на блокирањето од страна на Атина на патот на земјата кон НАТО и ЕУ. 
Договорот ѝ го отвори патот на земјава да се приклучи на НАТО во претстојниве недели, но изгледите за ЕУ сè уште остануваат несигурни. 
„Северна Македонија очекува овие преговори да бидат отворени сега“, рече Спасовски. „Направивме се’ што можевме за да обезбедиме позитивни аргументи за сите земји-членки со цел одлуката да биде донесена во март“.