Интересот за проектот „Купи куќа, купи стан“ се зголемува, се вклучуваат и општините со нови локации

Општините се подготвени максимално да се вклучат во проектот „Купи куќа, купи стан“ кој наидува на се поголем интерес кај граѓаните. Во моментот на располагање има околу 1.500 станови кои се во фаза на градба во повеќе општини.  Се очекува првите кредити за проектот да бидат одобрени кон крајот на март.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по денешната средба со дел од градоначалниците и градежните компании од стопанските комори изјави дека во општините Аеродром, Гази Баба и Ѓорче Петров има локации за изградба на станови и оти во следниот период вакви локации ќе има и во Сопиште, Бутел и Чаир.

- Значи во сите овие општини во моментот има во фаза на градба над 1.500 станови и во следниот период ќе има локации за изградба на уште толку станови или куќи, потенцира вицепремиерот Ставрески.

Во општина Гази Баба може да се понуди целосно нова населба во Хиподром 2 каде ќе е планирана изградба на индивидуални куќи, а истовремено на истата локација ќе има можност и за изградба на повеќе згради. Слично на ова и во Припор може да се направи мини населба.

Во следниот период планирани се и директни средби меѓу градежните компании и градоначалниците, како и средби со градоначалниците од внатрешноста каде цената не е проблем, туку обезбедувањето на дополнителни локации.

-  На тој начин очекувам дека ќе се забрза постапката на продажба на овие локации со цел да овозможиме за следните четири години да се понудат доволно атрактивни и евтини локации во повеќе општини во Скопје и околината, истакна Ставрески.

Градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски информира дека во моментот работат на издавање одобрение за градба за околу 550 станови на локации во Ќерамидница, Железара и Ченто. За локацијата во Железара веќе е издадена градежната дозвола, додека за останатите две локации градежните дозволи ќе бидат готови за околу 15-тина дена.

- Оваа недела општината ги презема ингеренциите од страна на цетралната власт во делот на управувањето на градежното земјиште и планираме да почнеме со продажба на слободните државни парцели во Хиподром 2 каде се планирани близу триста локации за индивидуално домување и околу девет локации за колективно домување, рече Трајковски.

Градежните компании очекуваат дека со условите што им се понудени од страна на општините ќе има голем интерес за градење станови чија цена, како што велат, ќе биде до 900 евра за квадрат или помалку.

- Со оглед на тоа што го презентираа градоначалниците сигурен сум дека ќе има голем интерес за градење, рече Сеат Кочан, претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Тие претходно понудија и станови кои веќе се во изградба кои се вклопуваат во условите за проектот, а во проектот се вклучи и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија со станови во Скопје и во внатрешноста на земјата.

Апликации за проектот може да се достават до осумте банки учеснички до 31 мај годинава. По барање на градежните компании и граѓаните првично утврдениот рок од 31 март беше пролонгиран за три месеци.