Работна средба за вклучување на Роми и Роми бегалци во општеството

Информирање за степенот на реализација на утврдените приоритети од акцискиот план во однос на инклузијата на Ромите во областите на вработување, домување/инфраструктура, лица без лични документи и образование, како и утврдување насоки за нивна натамошна социо-економска инклузија во Република Македонија, e целта на денешниот работен состанок за вклучување Роми и Роми бегалци.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски вели дека активностите и мерките кои се преземаат, а имаат за цел вклучување на Ромите во општеството се спроведуваат редовно и оти веќе даваат резултати. Ваквите конференции, смета, даваат придонес за јакнење на свеста и сензибилизација на севкупната јавност.

- Со сериозна поддршка на Унијата и Владата, со јасно дефинирана политика за интеграција на Ромите и Ромите бегалци може да постигнеме успех со оглед на фактот што досега активностите што беа промовирани и беа дел од претходните конференции редовно се спроведуваат, рече министерот Ристовски.

Тој додаде дека Ромите веќе се дел од посебна програма во активните политики за вработување, како и дека продолжува политиката за регистрација на лицата без документи, која како што рече, веќе дава сериозни резултати.

Борбата за поуспешно вклучување на Ромите во општеството, смета, треба да вклучи поставување јасни насоки на национално ниво за напредок, постојано набљудување на достигнувањата, како и размена на информации за тоа кои пристапи за подобрување на економскиот статус и социјалното вклучување на ромската популација.

Состанокот е организаиран во соработка меѓу Делегацијата на Европската унија во Македонија, Министерството за труд и социјална политика, Кабинетот на министерот без ресор Неждет Мустафа и Секретаријатот за европски прашања. На состанокот присуствуваше вицепремиерката задолжена за европски прашања Теута Арифи.