Меморандум за соработка меѓу МОН и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста

Министерството за образование и наука потпиша меморандум за соработка со Високата школа за новинарство и за односи со јавноста за поддршка на активностите на Катедрата на УНЕСКО за медиуми, дијалог и заемно разбирање, што е неодамна отворена на оваа приватна високообразовна институција.

Школата денеска на тркалезна маса ги промовираше и постдипломските студии на оваа Катедра - за менаџирање на медиуми и мултимедија и за менаџирање на стратегиски комуникации

Министерот Панче Кралев изјави дека меморандумот ќе се фокусира на заеднички активности за промовирање на Катедрата и нејзините студиски програми.

- Посебно е важно што постдипломските студии ќе бидат дел од Катедрата на УНЕСКО, која пропагира доста слични, би рекол и идентични вредности кои се обидува да ги прави и Министерството за образование и наука. Тука се и интеркултурниот дијалог и меѓусебното разбирање. Се надеваме дека постдипломските студии што се нудат и нашата соработка ќе придонеат за унапредување на високото образование во Република Македонија и дека ќе бидат можност за дооформување на знаењето според принципите и високите вредности на УНЕСКО, рече Кралев.

Директорката на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста Жанета Трајкоска истакна дека новата студиска програма нуди подготовка за новите медиуми и мултимедијалните платформи и професионално и одговорно новинарство.

- Предметите на последиплломските студии ќе го потенцираат лидерството на секој индивидуалец, етичките стандарди во односите со јавноста. Се надеваме ќе ја постават позицијата односи со јавноста на менаџерско ниво, зашто основата на односите со јавноста е планирање на комуникациите со цел тие да бидат отворени, транспарентни и отчетни, без оглед дали се работи за приватни или за јавни инстутуции, рече Трајкоска.

Зојка Наскова од Канцеларијата на УНЕСКО во Венеција ја нагласи важноста на критичката улога на медиумите како примарен извор на инфирмации и обликувачи на перцепциите во јавноста.

- Медиумите ја поседуваат моќта да ги зближат луѓето, но и да создадат раздор. Тие можат да ослободат и информираат, но и да прикријат и поларизираат. Можат да ги зајакнат општествените поделби по етнички линии и да создадат препреки наместо да бидат двигатели на дијалог, комуникација и меѓусебно разбирање. Во УНЕСКО веруваме во слободниот проток на идеи, информации и знаења и затоа со години активно ги поттикнуваме и промовираме комуникацијата и информациите низ целата планета, рече Наскова.

За првата генерација студенти на овие постдипломски студии УНЕСКО обезбеди 50 стипендии од по 500 евра. Наставната програма е креирана во соработка со професори и експерти од Факултетот за медиуми на Универзитетот „Виндесхеим“ во Холандија, Данската школа за медиуми и новинарство и Универзитетот од Кардиф во Велика Британија.  Предавачи ќе бидат професори од Македонија и од странство, а првпат се воведува и учење од далечина.