Владата на Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 6-та седница

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 6-та седница со повеќе точки на дневниот ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на оваа седница ќе се најдат Предлог - програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2020 година и Предлог – програмата за изменување на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2020 година.

На оваа своја седница владата ќе биде запознаена со информацијата за отпочнување со реализација на проектот „Изградба на канализационен систем за фекална отпадна вода во село Банско, општина Струмица“ и со информацијата за отпочнување со реализација на проектот: Доградба на фекален канализационен систем за Ново Село, општина Ново Село.

Министерството за надворешни работи на оваа седница ќе го стави на утврдување текстот на Предлог - законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Сојузна Република Германија за соработка во борбата против криминалот, и ќе го презентира Извештајот за завршени преговори за склучување, Спогодба за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

На денешната седница министрите во Владата ќе се запознаат со програмата и приоритетите на Хрватското претседателство со Советот на Европската Унија.

На денешната седница ќе се разгледа и информацијата за реализација на Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми за 2019 година, што ќе ја презентира министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност.