Спасовски: Мораме да покажеме национален консензус за носење на законските решенија, одговорни сме пред граѓаните, да ги оствариме националните интереси членство во ЕУ и НАТО

Јас очекувам да има избори на 12 април и сметам дека за клучните закони, за Законот за Јавно обвинителство, Законот за одбрана, мораме да покажеме минимум национален консензус“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

Премиерот Спасовски рече дека секој очекува од сите пратеници во Собранието низ дијалог да се вградат во финализирањето на законските решенија, меѓу кои и Законот за јавно обвинителство.

„Мораме да покажеме минимум национален консензус за овие прашања, ние можеме да се расправаме, да дебатираме, партиите да се натпреваруваат, но за овие прашања мислам дека треба да има минимум консензус. Јас очекувам дека сепак и политичките субјекти и пратениците во Собранието ќе бидат навистина на висината на сопствената одговорност која што ја имаат и кон граѓаните и државата, и дека низ еден дијалог ќе може да се постигне консензус за да ги донесеме овие законски решенија“, потенцираше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски.

Спасовски подвлече дека е оптимист дека може да се постигне консензус заради остварување на националните интереси како што се членството во НАТО и ЕУ и владеењето на правото.

„Опструирањето на носењето на законското решение со цел да се елиминираат предметите што беа покренати во предистрагите на СЈО и кои сега се префрлени во Јавното обвинителство, не е можно. Мотивите се различни за носењето на законското решение, но ако имате законско решение кое ќе донесе правда за секого во државата и за владеење на правото тогаш можеме да бидеме оптимисти“, рече Спасовски во емисијата Топ тема на ТВ Телма.