Груевски за „Ди Велт“: Членството на Македонија во ЕУ и НАТО приоритет, но не по цена на идентитетот

Членството во НАТО и ЕУ за Македонија е од национален интерес и ние правиме се тоа да се реализира. Но, нашиот влез предлого се одолговлекува поради спорот со името. Македонија е подготвена на разговори тој спор да се реши, но за тоа се потребни двајца. Решението на спорот не треба да биде на штета на македонскиот идентитет, државноста, дефинирањето. Спорот за името може да трае уште пет, па и повеќе години, вели македонскиот премиер Никола Груевски во интервју за германски „Ди Велт“. 

- Нашиот влез во НАТО и ЕУ предолго се одолговлекува поради спорот со името. Тоа за нашето стопанство е од витално значење, како и за мирот во Западен Балкан. Но, тука се работи за нашиот идентитет. Грција ни го оспорува правото да се викаме како што тоа е за нас правилно и неопходно: Македонија. Меѓународниот суд на правдата е на наша страна, кој во една долга и детална постапка за период од повеќе од 10 години, дојде до заклучок дека ние можеме да пристапиме во сите меѓународни институции под нашето име, кое што го избравме по распадот на поранешна Југославија, а кое е во согласност со нашата историја, истакнува македонскиот премиер во интервјуто за германскиот весник.

На прашањето дали нешто е променето во однос на решавањето на спорот со технократската власт на Пападемос, премиерот Груевски вели оти промени нема. - За жал, на прашањето морам да одговорам со не. Новиот грчки премиер јасно повтори дека решавањето на прашањето со името не е во неговата агенда. Тој најверојатно има доволно други проблеми. Ништо не се придвижува. Но, ние се надеваме и остануваме на тоа, вели македонскиот премиер.

Тој смета дека нема друг план за решавање на спорот освен разговорите. - Американците пробаа во рамките на нивната политика кон Балканот, но за жал без успех. Имаше и контакти во правец на ОН. Но на повидок нема никаков пробив, посочува Груевски.

Запрашан уште колку време би траел спорот со Грција, македонскиот премиер одговара оти очекува тој да трае уште пет години, а можеби и повеќе.

Македонскиот премиер во интервјуто посочува дека членството во ЕУ е важно и за стопанството на земјата, но оти не може да се прави компромис, како што вели, со прашањето на нашето дефинирање, на нашата државност.

Според Груевски, Германија е наш главен стопански партнер и со тоа и помага на земјава. - Ние со растечки успех извезуваме вино, земјоделски производи, метали, како и текстил, бидејќи сме ценовно конкурентна земја, вели македонскиот премиер.

Тој во интервјуто додава дека спорот со името не влијае на економските односи со Грција, која е трет стопански партнер на Македонија. Забележуваме, вели, се повеќе грчки фирми покажуваат интерес за инвестирање на нашата страна од границата. - Тоа се базира на ниските плати, но пред се, бидејќи кај нас не постојат бирократски бариери, кои што секогаш постоеле кај нашиот јужен сосед и го кочат индустрискиот развој, истакнува во интервјуто за германски „Ди Велт“ македонскиот премиер Никола Груевски.