Шкриjељ: Се грижиме за жителите од руралните средини, отворивме канцеларии за социјална работа во Брвеница и Желино

Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ ги посети новоотворените канцеларии за социјални работи во општините Брвеница и Желино. Градоначалниците Енвер Пајазити и Блерим Сејдиу и директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Тетово,  Дарко Обадиќ го поздравија приближувањето на услугите од социјалната заштита до жителите од руралните средини. Овие две канцеларии се дел од мрежата на канцеларии што МТСП ги отвори во соработка со општините за да го олесни пристапот до социјалните права на сите граѓани.

“Изминатите две и пол години работевме на прилагодување на системот на социјална заштита на потребите на граѓаните. Овие канцеларии се резултат на грижата за секој граѓанин на едноставен и достапен начин да побара социјална помош или било кое друго право од системот на социјална заштита. Жителите на Брвеница и Желино веќе не мора да одат до Тетово, туку можат да се информираат и да аплицираат во општинската канцеларија. Социјалната реформа значи промена на пристапот до граѓаните, грижа за секој граѓанин подеднакво”, рече заменик министерката Шкриjељ.

Локалната канцеларија за социјална работа во Желино, за градоначалникот Блерим Сејдиу е убава вест за жителите.

“Ова е голема рурална општина со 30.000 граѓани. Ваква канцеларија ни беше навистина потребна", посочи Сејдиу.

"Општина Брвеница ги поддржува сите проекти за олеснување на животот на граѓаните”, рече градоначалникот Енвер Пајазити, нагласувајќи дека соработката со централната власт ќе продолжи.

“Дополнителната заменик министерка ја информиравме и за изградбата на градинката во Брвеница. Работите се интензивирани. Ова е општина со многу млади, за нив згрижувањето на децата од предучилишна возраст во местото каде живеат, ќе биде големо олеснување”, рече градоначалникот Пајазити.

Со отворањето на 50 регионални канцеларии на меѓуопштинските центри за социјална работа, со посебен акцент во руралните општини, се овозможува подобра координација на активностите, растоварување на меѓуопштинските центри и поквалитетни услуги на центрите за социјална заштита.