Груевски: Декриминализацијата на клеветата да оди паралелно со поголема професионализација на новинарите

Процесот на декриминализација на клеветата и навредата треба да оди паралелно со поголема професионализација на новинарите и поголемо чувство на одговорност на секој новинар, изјави премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на две нови лаборатории за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје.

- Тоа е процес што не е завршен. Засега има некоја добра динамика на движење, но треба да почекаме да заврши. Доколку успешно се заврши ќе биде добро за сите да оди паралелно не само со декриминализација, туку со поголема професионализација на новинарите и поголемо чувство на одговорност и професионалност на секој новинар, рече Груевски.

Тој смета дека многу од новинарите го имаат тоа чувство и таа одговорност и професионалност, но очигледно е дека во минатото имало слабости во тој дел. - Двата процеса треба паралелно да се движат, но треба да се остави да се види како ќе течат разговорите меѓу Владата и ЗНМ па потоа да се даде финална оценка, истакна премиерот Груевски.