Царовска, Шкријељ и Јовановска ги презентираа резултатите од Оперативниот план за 2019 година - Рекорден буџет од 1,3 милијарди денари, реализација на оперативниот план 98,6%

Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, дополнителната заменска министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска ги презентираа резултатите на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 година.

Вицепремиерката Царовска истакна дека Оперативниот план за 2019 година е со исклучително висок процент на реализација од 98,6%, што е резултат од добро осмислените програми и мерки, кои се креирани во соработка со бизнис секторот, со цел истите максимално да се апсорбираат од страна на бизнис заедницата на локално и државно ниво.

„Имплементацијата на Оперативниот план за 2019 година, значително придонесе за намалувањето на невработеноста, која моментално е на рекордно ниска стапка од 17,1%, пришто во изминатите две и пол години, регистрирани се нови 59.600 вработувања, дел од нив како резултат токму преограмите и мерките од оперативните планови. Во 2019 година за реализација на ОП од буџетот се издвоени рекордни 1,3 милијарди денари, што е за 84% повисок износ во споредба со 2016-та година кога буџетот изнесувал 707 милиони денари. Ова се средства со кои директно се влијае кон зголемување на вработливоста на невработените лица, но и можност за  формирање на нови компании, кои понатаму треба да отворат нови работни места“, потенцираше Царовска.

Вицепремиерката додаде дека најголем дел од средствата се наменети токму за поттикнување на претриемништвото и креирање на нови микро компании, а дека како резултат на програмите и мерките од ОП се произлезени и системски решенија. Како конкретен пример таа го посочи Законот за практиканство, како рамка да младите невработени лица добијат можност да ги стекнат потребните вештини и искуство преку практична работа во компаните и на тој начин ја зголемат можноста за сопствено вработување. Вицепремиерката упати благодарност до УНДП кои имаа голем придонес во реализацијата на мерката саомвработување.

„Преку Програмата за самовработување, во 2019 година, одобрени се 1484 грантови, а притоа се формирани 1320 микро компании. Од овие лица, 468 се млади луѓе, односно 36,8%‘ од вкупниот број, додека 439 се жени (33,9%).  Со оваа мерка не само што овозможуваме овие млади невработени лица да отворат сопствен бизнис, туку во целиот процес на едукација претходно, го создаваме претриемачкиот дух и ги поттикнуваме со други мерки да продолжат да отвораат дополнителни работни места“, подвлече вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска, во своето излагање, нагласи дека успешната реализација на Оперативниот план, е резултат на тимска работа и позитивна енергија на вработените во Агенцијата и центрите за вработување, вработените во Министерството за труд и социјална политика, како и партнерите во спроведувањето УНДП и УНОПС, работодавачите и самите невработени лица. Таа додаде дека сите активни програми и мерки беа атрактивни за работодавачите и невработените лица и постигнат е максимален опфат согласно планираното.

„Преку субвенционирањето на плати отворени се 1383 нови работни места, додека со поддршка за вработување и раст на правни субјекти се придонесе за отворање на 621 работно место. Практиканството е уште една мерка која беше атрактивна кај работодавачите и младите лица, при што со оваа мерка беа опфатени 1697 лица. Она што особено беше побарано од стопанството беа обуките, се спроведоа вкупно 55 обуки за 22 занимања на територија на цела држава, пришто 3704 лица успешно завршија обука. Станува збор за најразлични обуки, детектирани за потребите на пазарот на трудот: монтери, инсталатери, оператори за веб дизајн, изработувачи на мебел, оџачари, гастрономи, електромеханичари, автомеханичари, заварувачи, фризери, козметичари“, појасни директорката Јовановска.

Дополнителната заменска министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ се осврна на реализацијата на Младинската гаранција, како мерка која е насочена исклучиво кон младите лица, кои се иднина на нашата држава, како инвестиција во нивното знење, доградба и преквалификација. Свесни за предизвиците како што се високото ниво на младинска невработеност и иселувањето, сите мерки од Оперативниот план се насочени пред се кон поддршка и поттикнување на младите луѓе, додаде Шкријељ.

„Младинската гаранција е една од носечките европски иницијативи, а Република Северна Македонија е единствена држава, која не е членка на ЕУ, а започна со реализација на овој проект. Започна со реализација во 2018 година, најпрвин како пилот проект, за во 2019 да се прошири на територијата на цела држава. Охрабрени сме со резултатите од реализацијата на Младинската гаранција, во 2019 година 20.301 лице се опфатени со оваа мерка. Секое младо лице во рок од 4 месеци по пријавување во Агенцијата за вработување добива можност за вработување, обука, преквалификација или практиканство. Од бројката на вклучени, 52% се жени, охрабрува што мерките кои се креирани се атрактивни и одговораат токму за млади девојки и жени. Само во 2019 година бројот на вработени преку младинска гаранција се 6004 лица, а овој број ќе продолжи да расте, во април 2020 година би можеле да ја имаме конечната бројка за лицата вклучени во 2019 година. Радува што мерката има позитивен ефект кај ранливите групи на лица, како што се Ромите. Во 2019 година во младинска гаранција се вклучени 1457 Роми, од нив 212 се веќе вработени. Во последниот квартал стапката на невработеност кај младите изнесува 35,3%, за споредба во 2016 тој процент беше 48,2%, а паралелно расте стапката на вработеност. На институциите останува да продолжиме да рабтиме во овој правец и да се издвојат се повеќе средства имплементација на вакви програми“, заклучи дополнителната заменска министерка Шкријељ.