Заев на отворање на „Кранфилд Леарница“: Стартува со работа една од најмодерните фабрики во Европа со плати над просекот во земјата и со голем потенцијал за раст

Во Пробиштип, во индустриската зона Неокази, го означуваме стартот на работата на една од најсовремените фабрики од овој тип во Европа, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на настанот со кој се одбележа почетокот на производството на „Кранфилд Леарница“, компанија за производство и обработка на одлеаноци од сиво и нодуларно железо. 

„Компанијата ги ангажираше Гемко Каст Метал Технолоџи од Холандија, светски лидер специјализиран за проектирање и инженеринг на нови капацитети за производство и обработка на производи од железо, ДИСА (DISA) од Данска и АБП (ABP) од Германија за технологија и машини, како и мултинационалната компанија Donaldson со седиште во САД, за филтрациски систем за заштита на работната средина“, потенцираше премиерот Заев.

Достојно внимание, рече премиерот Заев, треба да се оддаде и на намерата на сопственикот и на менаџерскиот тим на компанијата да се вложат дополнителни средства од 15 милиони евра за експанзија на компанијата во нови капацитети и производи конкурентни на светскиот пазар.

„Тоа ќе го зголеми бројот на нови работни места во фабриката, и претставува огромен придонес за општината и регионот. Од сегашните 58 вработени, вкупниот број планирани вработувања кога целиот инвестициски проект ќе заврши ќе изнесува 300. Тоа е сериозна шанса за граѓаните, за младите од општината, кои со овие перспективи на „Кранфилд Леарница“ добиваат реални можности да се школуваат, да се остручуваат и да се вработат дома, во своите родни места. Уште една голема причина за тоа е и просечната плата во „Кранфилд Леарница“ која денеска е повисока од просечната плата на државно ниво со потенцијал за уште поголем раст“, нагласи премиерот Заев, и додаде дека и оваа фабрика е резултат на економските политики на Владата кои придонесоа за пораст на бруто домашниот производ од 3,6% и за намалувањето на невработеноста во третиот квартал на 2019 година на рекордно ниски 17,1%.

Тој додаде дека врвен приоритет на „Кранфилд Леарница“ е здравјето, безбедноста и благосостојбата на вработените и на сите жители на Општина Пробиштип и околината, и дека во таа насока се преземени сите мерки според европските стандарди за безбедноста по здравјето и животот на вработените.

„Кранфилд Леарница“ е компанија за производство и обработка на одлеаноци од сиво и нодуларно железо која употребува исклучително само електрична енергија. Во процесот на работа строго е забрането употреба на суровини кои содржат штетни материи, за да може да се испорача производ кој ги задоволува сите стандарди за квалитет, безбедност и заштита на животната средина“, рече во своето обраќање претседателот на Владата, Заев.

Вицепремиерот за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев посочи дека станува збор за инвестиција којашто не е трудоинтензивна, односно станува збор за капитално интензивна инвестиција којашто вработува високо стручни луѓе со високи примања. 

„Станува збор за  високо технолошки автоматизирана линија за калапирање, а потоа и леење на челик, од којшто ќе се произведуваат делови коишто се наменети за градежништвото, пред сѐ, за автомобилската индустрија во иднина, како и за други различни намени. „Кранфилд Леарница“ е извозно ориентирана компанија, што е добро, затоа што ќе носи дополнително додадена вредност во нашата држава“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Тој дополни дека иако договорот со „Кранфилд Леарница“ е потпишан во 2015 година, се до 2018 година беше заглавен во административните лавиринти, кога беше и склучен нов анекс договор во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска во своето обраќање рече дека со реализацијата на оваа инвестиција, Владата на Република Северна Македонија уште еднаш ја докажа својата темелна посветеност и грижа за странските инвеститори. 

„Позитивните и евидентни економски промени кои ги направивме, институционалната посветеност и одговорност, стимулативните услови и активните мерки за поддршка на инвестициите, беше причина  поради која Компанијата „Кранфилд Леарница“ одлучи да го прошири првичниот бизнис план за оваа инвестиција со што вредноста на инвестиција се зголеми од 15 на 20 милиони евра и креираше дополнителни нови работни места од проекциите во почетната фаза“, нагласи Апостолска.

На настанот се обрати и Драган Анастасов, градоначалник на Пробиштип, кој рече дека „Кранфилд Леарница“ отвори можности за вклучување на локалните компании во добавувачкиот ланец на фабриката, што ќе влијае на подигање на животниот стандард на граѓаните од Пробиштип и околината.