Даниелсон од Директоратот за проширување, со порака од новиот состав на Европската Комисија: Останува безусловната поддршка за старт на преговорите со Северна Македонија

Директорот на Директоратот за соседски политики и проширување, Кристијан Даниелсон денеска на премиерот Зоран Заев му ги пренесе поздравите од новиот еврокомесар за проширување и добрососедски односи, Оливер Вархељи, во кои се пренесува пораката, усогласена со Претседателката Урсула Фон дер Лајен, дека ЕК останува на својата безусловна поддршка за старт на преговорите со Северна Македонија.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се заблагодари на поздравот и на пораките и истакна дека нашата земја останува посветена на континуитетот на реформите и на напредокот во усвојувањето на стандардите на ЕУ во сите области, со посебно внимание на имплементацијата на правосудните реформи, и дека ќе очекува исполнување на препораката.

На средбата, на која присуствуваше и амбасадорот на ЕУ во нашата земја, Самуел Жбогар, премиерот Заев истакна дека Владата останува посветена на спроведување и на добрите соседски политики и на имплементација на одредбите од договорите со Грција и Бугарија, и на унапредување на економските односи со двете земји, како и со другите соседи.

Тема на разговорот со претставниците на ЕУ во Владата на Северна Македонија беше и иницијативата за унапредување на регионалната соработка што ја поттикнаа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите Зоран Заев и Еди Рама.   

На средбата беше охрабрена оваа иницијатива заради фактот што таа е во согласност со Берлинскиот процес, и особено заради инсистирањето во неа да бидат вклучени сите земји од Западен Балкан.