Министерот Сугарески на презентација на граѓански буџет 2020: Го зголемуваме квалитетот на живеење на нашите граѓани, преку зголемување на буџетот за локални патишта, гасовод и водовод

„Предлог Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2020 година е развоен буџет, директно насочен кон потребите на стопанството и граѓаните и е проектиран да обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификацијата, железничката, комуналната и патната инфраструктура“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески на денешната прес-конференција на која го презентираше Предлог-Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2020 година. 

Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2020 година е проектиран на 5 милијарди 810 милиони 579 илјади денари, од кои 83% од проектираните средства или 4 милијарди 819 милиони 974 илјади денари се расходи наменети за реализација на капитални проекти.

 

Презентација

 

„Капиталните расходи за 2020 година се за 854 милиони 741 илјада денари повеќе споредено со 2019 година. Тоа значи дека за следната година планираме уште посилен интензитет на градежни активности насекаде низ државата, што очекуваме да доведе до висок раст на градежништвото и економијата во целина. За изградба на железницата на Коридор 8 проектиравме 2 милијарди и 652 милиони денари, што е 577 милиони денари повеќе отколку за 2019 година. За изградба на гасоводот предвидени се 1 милијарда и 31 милион денари. Започнуваме нов проект кој е од клучно значење за локалниот економски развој и подобрување на урбаното живеење. Тоа е проектот за изградба и санација на локални патишта, за што за следната година планирани се 247, 5 милиони денари. Многу важен проект на кој посветуваме посебно внимание е изградбата на водоводи и канализации низ општините. За таа цел, преку заемот од Европската инвестициона банка, предвидени се 446 милиони денари за реализација на дваесетина проекти низ општините. Со грант средства од КФВ банката планирани се 248,7 милиони денари за изградба и реконструкција на дел од водоводната мрежа во Кавадарци, Радовиш и Гостивар. За изградба на нов водовод и канализација во Индустриската зона Визбегово планирани се 100 милиони денари. Предвидена е изградба на социјални станови во Бутел во Скопје, во Виница, Свети Николе, Велес, Пехчево, Гевгелија, Дебар, Сарај и во Демир Капија. За следната година за финансиска поддршка за нови авиолинии планираме 104 милиони денари“, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Во своето обраќање министерот потенцираше дека следната година ќе се објави јавен повик за изградба на магистралните гасоводи Велес-Свети Николе и Гостивар-Кичево. Во делот на комуналната инфраструктура се предвидува изградба на канализациона мрежа во Ѓорче Петров и Арачиново, како и изградба на брана на реката Отиња. 

Во Предлог-Буџетот на Министерството за транспорт и врски се предвидени и 20 милиони денари за изработка на Урбанистички планови за општините, 40 милиони денари за Декадата на Ромите, како и 134 милиони денари за мерки и активности со кои ќе се унапреди инфраструктурата на граничните премини и транспортот во рамки на проектот Олеснување на трговијата за Западен Балкан. 

„Ова е предлог буџет на Министерството за транспорт и врски за 2020 година и пак ќе потенцирам дека тој е развоен и голем дел од него или преку 80 проценти од расходите се наменети за изградба на капитални објекти“, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. 

Тој додаде дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта, во следната година продолжува уште поголема инвестициона активност во изградба и реконструкција на патната мрежа низ државата, за што најави нови проекти.