Oд работната средба во Лозана: ИОК ги поздрави заложбите на Владата за развој на спортот, визијата и носењето на нов закон за спорт

Владата на Република Северна Македонија претставувана од советниците за спорт на премиерот, Даниел Димевски и Ѓорги Тасев, оствари работна средба со високи претставници од Интернационалниот олимписки комитет, каде присуствуваа и претставници од Олимпискиот комитет на Северна Македонија.
На средбата се разговараше за моменталната спортска ситуација, но и за заеднички проекти, реформи и иницијативи кои ќе го подобрат статусот на спортистите и спортот воопшто.

Покрај ова, предмет на разговор беше унапредување и интензивирање на соработката меѓу државните институции, олимпискиот комитет и спортските федерации, нивната статутарна усогласеност и подобрена организациска поставеност, согласно програмската определба на Владата за носење нова спортска легислатива кој се изготвува по мерка на спортистите, клубовите, федерациите, олимпискиот комитет и спортските работници.

Интернационалниот олимписки комитет ги поздрави заложбите, визијата и реформите на Владата и Агенцијата за млади и спорт,  кои имаат за цел унапредување на спортот и креирање спортски амбиент со кои ќе постигне повисок спортски стандард.

Владата и Агенцијата за млади и спорт континуирано вложува, обезбедува услови за квалитетни спортски можности и гради партнерски соработки со сите релевантни спортски федерации, институции и организации.