МВР и општина Битола со нови сообраќајни решенија, драстичен пад на бројот на тешки сообраќајки

Претставници на Министерството за внатрешни работи и општина Битола заеднички ќе изработат нови сообраќајни решенија за подобрување на сообраќајот на неколку локации во градот, со цел да се олесни движењето и да се зголеми безбедноста во сообраќајот. Ова е еден од заклучоците на денешната средба на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и градоначалничката на Битола Наташа Петровска, што се одржа во Битола.

На средбата беше потенцирана добрата соработка меѓу полицијата и локалната самоуправа Безбедносната состојба на подрачјето на СВР Битола е стабилна и евидентно е намалувањето на криминалитетот, што е тренд во последните неколку години. Од друга страна, расте откривачката дејност односно расчистувањето на кривичните дела. Намалување има и во делот на сообраќајни незгоди со потешки последици и тоа за 11 отсто кога ќе се споредат првите девет месеци од 2019 и 2018 година, а дури 55 отсто во бројката на загинати лица во сообраќајни несреќи. Новите сообраќајни решенија, особено на влезот на Битола и во близина на касарната, треба да донесат дополнително намалување на сообраќајните незгоди со тешки последици.

Министерот Спасовски и градоначалничката Петровска ја потенцираа важноста од соработката меѓу полицијата и локалната самоуправа со цел да се подобри квалитетот на живеење. Особено ако се има предвид целта полицијата да се етаблира како реален сервис на граѓаните и постојано зголемување на довербата на граѓаните во полицијата.

Министерот Спасовски денеска го посети и граничниот премин Меџитлија, каде со раководството на полициската станица разговараше за тековното работење во делот на граничната контрола и надзор, но и во делот на справувањето со обидите за илегално преминување на јужната граница. МВР во соработка со полициските службеници од пријателските држави континуирано презема мерки за санкционирање на криумчарењето на мигранти и спречување на обиди за илегално преминување на јужната граница и состојбата на оваа граница е стабилна.