Вицепремиерот Анѓушев и директорот Младеновски на средба со компании во Њујорк: Реализирани успешни средби, во најава нови проекти на компании од САД во ТИР зоните

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Александар Младеновски се во работна посета во Њујорк, САД, каде остварија директни средби со менаџментите на неколку американски компании, заинтересирани за инвестиции во нашата земја.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека е задоволен од исходот на средбите и додаде дека сите компании со кои се сретнаа имаат покажано интерес за инвестирање во Северна Македонија, а дел од нив се и блиску до носење на одлука за реализација на инвестицијата. Вицепремиерот нагласи дека со извесното членство во НАТО, нашата земја станува сè поатрактивна инвестициска дестинација за компании од САД.

 

 

„Нивните имиња ќе ги објавиме кога тие самите ќе одлучат за тоа. Ме радува што тоа се компании од високо технолошкиот развиен свет, односно компании кои нема да вработуваат 3000 или 5000 лица, планирано е да вработуваат помал број на луѓе, од 300-500, но тоа ќе бидат работни места токму онакви какви што сакаме да има во нашата држава, за млади интелектуалци и за високо стручните кадри, за ги задржиме младите во Република Северна Македонија. Станува збор за потенцијални инвестиции до стотина милиони евра и над тоа некои од нив. Дефинитивно Северна Македонија станува земја којашто е интересна за компаниите од САД. Ценам дека голем придонес во таа работа има и зачленувањето во НАТО и нашите евроатлантски интегративни процеси кои сериозно ги раздвиживме“, потенцира Анѓушев.

Анѓушев кажа дека во изминатите 2 години во ТИР зоните и надвор од нив, започнаа со реализација 30-ина инвестициски проекти на странски компании, домашните компании исто така реализираа нови инвестиции и се развиваат и сето тоа се рефлектира преку позитивни економски статистички показатели,

„Заводот за статистика ги објави податоците за растот на индустриското производство а тоа што го гледаме, можма да кажам дека и го очекувавме. Во август 2019 година, споредено со август 2018 година, бележиме 9,8% раст на индустриско производство, или кумулативно, за целиот период од јануари до август 2019 година во споредба со јануари-август 2018 година,  имаме раст од 5,5 % на индустриско производство. Ако се земе предвид дека индустриското производство е сериозен генератор на БДП во нашата држава очекуваме дека бројките за третиот и четвртиот квартал за растот на БДП ќе бидат сериозно големи и тоа дефинитивно е знак кој кажува дека македонската економија се движи во исправна насока. Со самото тоа што и градежништвото го вративме на вистински колосек и земјоделството покажува одреден раст, цениме дека тоа е показател дека државата е економски стабилна. Најважно е што таа економија е генерирана од приватните инвеститори, односно е генерирана од реалната економија, бидејќи само на тој начин можеме да гарантираме дека ќе има одржливост на растот  на економијата на подолг рок. Доколку се случат и овие инвестиции за коишто разговаравме, цениме дека тоа ќе има уште посериозен импакт врз целокупниот развој на индустријата и целокупната економија во нашата држава“, заврши Анѓушев.

 

Директорот Младеновски очекува за дел од проектите за кои се разговараше во Њујорк, да се донесат одлуки во многу брз временски период, а се надева дека компаниите ќе одлучат да инвестираат токму во нашата земја.

 

 

„Генерално сме во последна фаза на преговори со овие компании, набрзо, не се работи за месец-два, туку се работи за некоја недела, се надевам дека ќе може да ги објавиме. Со тоа ќе се заокружи за оваа година поголем инвестициски сегмент од планираното. Во наредните година дена, кога фабриките кои се моментално во градба ќе заживеат, ќе работат високо квалификувани кадри и тоа ме радува особено“, посочи Младеновски. 

Директорот на ДТИРЗ се осврна и на актуелностите од ТИР зоните, во скопската зона швајцарската компанија Баумер започна со работа, додека со изградба на производствени погони започнаа германската Гересхајмер, турската Балканлар Пластик, како и албанската Саген. Тој додаде дека со изградба на фабрики во Скопје набрзо започнуваат Зенит и германската Кеслер, со што ќе се реализираат навистина значајни странски инвестиции во државата. 

„Во останатите формирани зони се реализирааат сериозни инвестиции во завршување на инфраструктурата, од страна на државата. Во нивните капацитети има уште неколку нови најави за фабрики во зоната Струга, во Штип и зоната во Прилеп“, кажа Младеновски.