Премиерот Заев и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на заедничка прес-конференција: Северна Македонија направи сè што можеше, на ред се лидерите на ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска го прими во посета претседателот на Европскиот совет (ЕС), Доналд Туск кој заедно со делегација од Советот ја посети земјава, по што двајцата имаа обраќања пред претставниците медиумите.

Премиерот Заев изразувајќи благодарност  за поддршката и помошта за време на целиот негов петгодишен мандат, истакна дека претседателот на ЕС, Туск, не пропушти ниту една можност да го афирмира пријателството кон нашата земја, кон аспирациите на Северна Македонија да биде членка на Европската Унија, и исклучително се посвети на  процесот за проширување на Унијата.

„Нашата заедничка желба е во периодот до следната седница на Европскиот совет, ова взаемно пријателство и поддршка да ги крунисаме со заеднички историски успех во октомври. Заеднички затоа тоа е и заеднички интерес и на Северна Македонија и на Европската Унија“, рече премиерот Заев.

Во своето излагање, Претседателот на Владата посочи дека во наредниот период сите напори се насочени кон засилен ангажман и целосна посветеност за обезбедување на силна поддршка од земјите-членки на ЕУ, а очекувањата се усвојување на одлука за отворање преговори за пристапување без понатамошно одложување. Тој додаде дека со, за нас, историската седница на Европскиот Совет, каде лидерите на државите членки на ЕУ треба да ја потврдат оваа одлука, ќе претседава претседателот Туск. 

„Во решавањето на предизвиците со кои се соочуваме целосно сме ангажирани, во согласност со европските вредности и стандарди. Во тие рамки ги гледаме и дебатата за Законот за јавно обвинителство.  Случајот „Рекет“ е силен тест за судството и за успех на реформите. Институционалното разрешување на овој и на сите слични случаи ќе ја докаже независноста на правосудниот систем и јасната политичка волја за борба против корупцијата. Тоа е европскиот начин, тоа е начинот на правната држава и на владеењето на правото“, истакна премиерот Заев.

Претседателот на Европскиот свет Доналд Туск во своето обраќање пред медиумите упати пофални зборови за напорите и напредокот на Северна Македонија за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Претседателот Туск го истакна учеството и помошта на Северна Македонија во справувањето со мигрантската криза, постигнувањето на Преспанскиот договор со Грција како и Договорот со Бугарија, велејќи дека Северна Македонија стана шампион на политичкиот рационализам и позитивно оценувајќи ги заложбите за владеење на правото и борбата против корупцијата.

Претседателот Туск додаде дека неговиот личен став е дека нашата земја направи сè за добивање датум за почеток на преговорите и рече дека сега на ред се европските лидери, додавајќи дека во Брисел не постои сомнеж за заложбите на Владата за владеење на правото и дека Северна Македонија го направи своето.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на прес-конференцијата на крајот на своето обраќање рече дека Скопје е најдоброто место од каде што сака да ги повика лидерите на Европската Унија да ја завршат нивната работа.