Премиерот Заев на средба со претставници на граѓанската иницијатива за заштита на животните „Кане Корзо“: Темата за заштита на животните ни е важна, поддржуваме решенија за нивен хуман третман

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска, се сретна со Ивана Мишева, претставничка на граѓанската иницијатива за заштита на животните „Кане Корзо“, со која разговараше за мерките и решенијата за подобрување на третманот на животните, како и за подобрување на неопходните стандарди згрижување и намалување на бездомните кучиња.

На средбата од двете страни беше изразена волја за соработка, беше констатирано дека оваа тема е исклучително важна и беше договорено да биде формирана работна група, на одредено време, чии членови ќе ги разгледаат можностите за хумано справување со проблемите со бездомните животни, вклучително и обезбедување стандарди и хуман третман на сите животни.

На средбата се разговараше и за потребата од донесување конкретни законски решенија за санкционирање на слободната употреба на отровите за усмртување на животните. Беше разговарано и за изнаоѓање модел за јавно приватно партнерство со ветеринарните станици за субвенционирање на стерилизации на домашни миленици и бездомни животни.