Премиерот Никола Груевски се сретна со комесарот за внатрешни работи на Европската комисија, Сесилија Малмстром


Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со комесарот за внатрешни работи на Европската комисија, г-ѓа Сесилија Малмстром.


Претседателот Груевски изрази благодарност до комесарот Малмстром за нејзиното учество на Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан, кој е од големо значење не само за Република Македонија, туку и за регионот, за размена на искуства и зајакнување на соработката во насока на полесно справување со предизвиците во процесот на европските интеграции.


Во оваа насока, претседателот Груевски ги истакна очекувањата дека напорите кои што ги презема Владата на Република Македонија за исполнување на условите за членство во ЕУ, вклучително и реформите во областа на правдата и внатрешните работи, ќе бидат соодветно забележани во претстојниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија.


На средбата беа истакнати поволностите кои што граѓаните на Република Македонија ги уживаат со либерализацијата на визниот режим, како и тоа дека слободното движење и суштински и симболички претставува вистински чекор во правец на интеграција во Европската унија. Во тој контекст, претседателот Груевски ги потенцираше заложбите и бескомпромисните мерки кои што Владата на Република Македонија ги презема за спречување на злоупотребата на визната либерализација од страна на лажните азиланти, при што беа посочени измените во легислативата со која што се инкриминира злоупотребата на безвизниот режим, засилената гранична контрола, јакнење на свеста преку кампањи кај граѓаните за последиците од неоснованото барање на азил, како и социо-економските мерки во областа на здравствената и социјалната заштита, образованието и вработувањето, кои имаат за цел унапредување на социјалниот статус во општеството на ранливите категории на граѓани.


Двајцата соговорници заклучија дека ќе продолжи заедничката соработка во насока на развивање и унапредување на механизмите за спречување на идни злоупотреби на визната либерализација.