Бектеши: Успешните испораки на Северна Македонија уште еднаш ја покажаа силната посветеност на соработка меѓу регионалните економии, како суштински придонес кон процесот на интеграција во ЕУ

Министерот за економија Крешник Бектеши учествуваше на првиот министерски панел на ОЕЦД конференцијата, која се одржува во рамки на Самитот во Познањ, Полска, на кој беа презентирани наодите од ОЕЦД студијата, кои треба да претставуваат патоказ за понатамошен раст и развој на регионот, преку зајакнување на трговијата и инвестициите помеѓу економиите на Западен Балкан.

„Оваа година е особено важна за нашите заложби во однос на Стратегијата за проширување на Западен Балкан 6 и во делот наа спроведување на активностите поврзани со регионалната економска област и повеќегодишниот акционен план. Како дел од Западен Балкан 6, Република Северна Македонија е силно посветена на спроведувањето на приоритетната Агенда, обезбедувајќи колку што е можно повеќе резултати за овој Самит во врска со МАП РЕА трговската компонента, во која се гледа силната врска со нашата европска перспектива, дефинирана преку обврските од нашиот процес на пристапување кон Европската унија. Со успешните испораки на целите на МАП РЕА, Република Северна Македонија уште еднаш ја покажа силната посветеност на поголемата соработка меѓу регионалните економии како суштински придонес кон долгорочната стабилност и процесот на интеграција во ЕУ“, истакна Бектеши во своето обраќање пред економските министри.

Во фокусот на вниманието во однос на реализираното во РСМ во изминатиов период беа придобивките од Планот за економски раст кои пред присутните министри ги објасни Бектеши.

„Како резултат на мерките владиниот План за економски раст имаме рекордно ниво на странски директни инвестиции од 624 милиони евра и околу 20 нови странски компании кои реализираат инвестициски проекти во земјата. Или, според последно објавениот извештај на Конференцијата на ОН за трговија и развој за инвестициите во светот, странските директни инвестиции пораснале за 260% од просекот во последните години. Истовремено значително се подобрени и економските индикатори, невработеноста е намалена за 4.8%, индустриското производство е пораснато за 8%, го зголемивме нашиот извоз за 15% годишно. Економскиот раст во првиот квартал изнесува 4.1%. ЕУ е нашиот клучен партнер за трговија и инвестиции, па зајакнувањето на врските и отварањето на нови можности за соработка претставува вин-вин сценариот“, рече Бектеши.

Генералниот секретар на ОЕЦД Ангел Гуриа упати порака до земјите на Западен Балкан дека ОЕЦД застана зад нив и посветено ќе остане да работи за и со нив, до целосната интеграција во ЕУ.

„Регионалниот раст е имресивен и изнесува 3,5%, направивте бум во извозот. Ако се гледа на Западен Балкан како на целина, треба да се работи на продуктивноста во наредниот период, како и на борбата против корупцијата и зајакнување на вештините: И, имајте секогаш на ум дека интеграцијата мултиплицира, односно само во тој случај еден плус еден се пет“, рече Гуриа. Генералниот директор на соседски политики и преговори за проширување, Даниелсон упати поддршка за напредокот во трговијата и започнувањето на засилените активности во делот на инфраструктурното поврзување, а сите земји од Западен Балкан реферираа за постигнатото во претходната година.

Министрите за економија својата дискусија ја продолжија и на работниот ручек, каде акцентот беше ставен на Агендата за поврзување и политиките за мали и средни претпријатија, како и активностите кои значат подобра регионална соработка. Министерот Бектеши се осврна на отворените проекти за патишта на Северна Македонија во вредност од над 1 милијарда евра, кои ги изведуваат домашни и странски компании.

„Веќе имаме комплетно завршен автопат во насоката север - југ, познат како Коридор 10, а моментално се работи на финализирање на поврзувањето во насока исток - запад односно врската со Бугарија и Албанија. Во фаза на изградба е и железницата до Бугарија, како и неколку експресни патишта. Со Албанија го имаме и делот на автопатот од Кичево до Охрид, со што овозможивме квалитетна патна врска од Скопје до Охрид, кој е на само 10 км од границата со Албанија. Во делот на мерките за интензивирање на регионалната соработка би го споменал отворањето на One Stop Shop како модел за олеснување на трговијата меѓу земјите од регионот“, посочи Бектеши.

Во текот на попладневните часови се очекува и бизнис форумот на кој Бектеши ќе зборува за енергетскиот развој и прогреесот во овој сектор во изминатиов период.