Премиерот Заев во ТВ интервју: Следуваат храбри чекори и ред е јас да го понесам процесот на промени со смена на над 200 луѓе на директорските места за директно да се почувствуваат придобивките од реформите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во интервју за телевизија Сител зборуваше за предлогот за реконструкција на Владата на Република Северна Македонија, за оставката на заменик-министерот за образование, Петар Атанасов, и за други прашања од актуелен интерес. 

„Во врска со Тевдовски, единствената причина е моето влегување во Министерство за финансии, со цел фокус на финансиите. Се работи за министерство кое е поврзано со повеќето реформи што се случуваат во државата и претставува едно од министерствата што направија најмногу реформи. Благодарение на тоа министерство се покачи минималната плата, се укина радиодифузната такса. Државата ја затекнавме со долг од 840 милиони евра обврски, сега државата е стабилна. Истовремено преку тоа министерство се димензионираа политики кои ја дигнаа социјалната помош за 300%“, одговори премиерот Заев на прашање за причините на промената на министерот Тевдовски.

Премиерот Заев рече дека тој влегува во министерството за финансии во последна фаза како политичар кој добил доверба од граѓаните преку Парламентот да ја состави Владата во конечна реализација на програмските определби.

„Следуваат храбри и решителни чекори кои е ред и чест да ги носам јас. Очекувам сериозни ефекти да постигнеме во покачувањето на просечната плата. Ако перформансите се добри ќе ги покачиме и пензиите до јануари 2020. Тоа ќе значи конечно чувствување на придобивките од страна на граѓаните. Оваа 2019 ја прогласивме за година на економијата. Минатата беше година на интеграциите, јас очекувам членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ. Ова е драгоцен и неповторлив момент што нашиот народ треба да го искористи“, рече премиерот Заев во интервјуто за ТВ Сител.

Во денешното интервју за ТВ Сител премиерот Заев најави дека до почетокот на јули ќе заврши процесот на кадровски промени, со смена на над 200 луѓе, партиски кадри.

„Очекувањата на граѓаните беа повеќе за директорски места и места на локално и централно ниво. Мислам дека доволни беа промените на министерските места. Продолжуваме по вертикала повеќе места да менуваме, каде што директно треба да се почувствуваат придобивките од реформите. Жалам што господинот Петар Атанасов си поднесе оставка на таков начин, но ред е да се каже дека тој тоа го направи затоа што не стана министер за образование. Бараше од мене да стане министер за образование. Јас му објаснив дека околностите се сложени и дека треба така да се сфатат. Јас во саботата ја донесов конечната одлука и му ја соопштив, а тој одлучи да реагира на тој начин“,  рече премиерот Заев.