Деветта јавна дискусија за „Стратегијата за едно општество и интеркултурализам“ во Гостивар: Стратегијата исцртува една од главните карактеристики и вредности на нашата земја

Во Гостивар денеска се одржа деветтата од серијата јавни дискусии за претставување на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“, кадешто свои обраќања пред граѓаните на Гостивар и регионот имаа заменик министерката за финансии во Влада на РСМ, Ширет Елези, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Илхан Рахман и директорката на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Билјана Петковска.

Заменик министерката за финансии, Ширет Елези во име на Владата на Република Северна Македонија, рече дека „Стратегијата за едно општество и интеркултурализам“ ја исцртува една од главните карактеристики и вредности на нашата земја, која во светот веќе се препознава: определбата да градиме и негуваме општество еднакво за сите.

„Да изградиме граѓанско општество, со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики, како суштина на нашето заедништво што се градеше со векови и кое претставува обврска за нашата заедничка иднина. Еден од водечките концепти на Стратегијата за едно општество и интеркултурализам е еднаквоста и недискриминацијата. Почитувањето на различностите и спецификите на секоја индивидуа е богатството на едно општество“ истакна заменик министерката за финансии Елези и додаде дека улогата на Министерството за финансии во врска со придонесот за Стратегијата за едно општество и интекултурализам се состои во делот на зголемување на средствата за рамномерен регионален развој, во зајакнување на финансиските капацитетите на единиците на локалната самоуправа.

Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Илхан Рахман рече дека Агенцијата како посебен орган кој ги следи остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на помалубројните заедници дава значаен придонес во изготвувањето на Нацрт-текстот на Стратегијата, и тоа во сите кластери преку давање на предлози, идеи и пренесување на професионални искуства.

„Прв пат во историјата на Република Северна Македонија една политичка власт покажа храброст и одлучност преку сериозен пристап да го прифати општеството такво какво што ни е во реалноста. Преку промовирањето на концептот - едно општество и општо прифатеноста на истото од страна на широките граѓански маси, државата влезе во една понапредна димензија за градењето на нашето заедничко општество“, истакна директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците.

Директорката на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Билјана Петковска рече дека е охрабрувачка заложбата од страна на Владата да сите заедно, државните институции, граѓанските организации, академската заедница и бизнис секторот, да придонесат кон надминување на поделбите меѓу граѓаните кои припаѓаат на различни етнички, верски и културни заедници и групи и да создадат општество во кое секој поеднинец ќе се чувствува пред се’ како граѓанин кој ги ужива своите права подеднакво како и сите останати граѓани во нашата земја.

„Факт е дека во пракса, со одредени исклучоци, медиумскиот еко систем ни е поделен пред се’, по етничка, јазична и политичко-партиска линија, што често придонесува граѓаните да добиваат информации од медиумите кои се пристрасни, ентоцентрични и создаваат искривена слика за „другиот“. Стратегијата го препознава овој сериозен проблем и во делот на мерки и активности со цел подобрување на состојбата се предвидени активности во два клучни сегменти и тоа: унапредување на медиумскиот простор со цел граѓаните да добиваат квалитетни информации од медиумите и унапредување на медиумската писменост кај граѓаните, преку формални активности во образованието и неформални активности и иницијативи наменети за граѓаните од сите возрасти“, рече Билјана Петковска директорката на Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

Координаторката на кластерот за медиуми во координативното тело за подготовка на националната стратегија и специјална советничка во канцеларијата на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Маја Петковска Лесес, го претстави Нацрт-текстот на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот“ пред претставници од граѓанскиот сектор, локалната самоуправа и медиумите, коишто ја поздравија иницијативата за оваа Стратегија и можноста со свои излагања да учествуваат во дискусија преку изнесување на повеќе сугестии за намалување на поделбите и за создавање услови за подобро, подеднакво и покохезивно општество.

Следната јавна дискусија за Стратегијата е на 25 јуни во Скопје.