Шекеринска: Брзите ратификации на протоколот за членство во НАТО за 5 месеци, се политичка порака дека оваа држава се извади од калта

Вечерва министерот за надворешни работи, Никола Димитров, заедно со заменикот на претседателот на Владата и министер за одбрана, Радмила Шекеринска и заменикот на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи гостуваа во емисијата „Патот кон”, во рамките на серијата јавни настапи „Две години Влада - Одговорно пред граѓаните“.
 
Давајќи осврт на крупните успеси во последниве две години, министерката Шекеринска посочи: „Владата покажа дека не ги поткрева нереално очекувањата и дека она што ќе го најави го завршува целосно. Имаме брз процес на ратификации на протоколот за членство во НАТО, завршен во 17 земји членки, што е политичка порака дека оваа држава се извади од калта. 

Шекеринска рече дека Владата не направи ниту една грешка и не им даде аргумент на скептиците да бараат оправдување за одлагање на почетокот на преговори со ЕУ. За ова прашање за РСМ има консензус - рече министерката. „- И во областите во кои добиваме критики имаме сериозни резултати. 4,1% пораст на БДП не сме имале долго време, 630 милиони евра инвестиции не сме имале никогаш порано, 6% покачување на платите и 50. 000 нови работни места.“

Осврнувајќи се на прашањето поврзано со обвинувањата за корупција министерот Димитров истакна „нема земја која нема корупција, објективно на добар пат сме, оценката од Извештајот на ЕК, од Извештајот на СД за човекови права итн. Тоа го велат и пресудите за нападот и судењата за бивши и актуелни функционери. Ја имаме Комисијата за борба против корупција која отвори 300 случаи а затвори 30. Го имаме СЈО, еден нов капацитет што треба да го сочуваме и најважно - имаме јавност што не трпи глупости.” 
На самиот крај, министерот Димитров истакна: „Сѐ  ова е исклучително важен момент за Северна Македонија. Оваа енергија да ја искористиме за да нѐ  биде. Јас сум тука и ќе се фокусирам на мојата работа”.

Османи посочи дека со имплементација на реформските планови земјава оствари напредок во сите области кои беа посочени во заклучоците на минатогодишниот самит: правосудство, безбедносни служби, јавна администрација и борба против организираниот криминал и корупција, што е соодветно нотирано и во Извештајот на Европската Комисија: „И тоа не се мали успеси. Имаме нова Државна изборна комисија, имаме нова Државна комисија за спречување корупција која на дело покажа дека неселективно работи, имаме одвојување на прислушувањето во новата агенција ОТА, но и целосно укинување на УБК како рецидив од минатото и формирање на новата Национална агенција за безбедност, и голем број останати реформи, внимателно нотирани во сите делови од Извештајот на Комисијата“, истакна Османи.