Македонија заслужува да биде полноправен член на НАТО

Веројатно многу Германци до скоро, кога на Европското ракометно првенство нашите репрезентации одиграа меч за паметење, не чуле многу за нашата земја. Ракометните ѕвезди демонстрираа дека еднаквоста и правдата важат за сите, а дека успехот зависи исклучиво од сопственото залагање. На едно друго поле за нас за жал не важат истите правила како за останатите: Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО и Алијансата тоа го потврди на Самитот во Букурешт во 2008 година. Сепак, Македонија не смее да биде дел од нејзе. Македонија е de facto членка на НАТО, de jure не.

Членството е стратешка владина определба. Народот над 85% го поддржува интегрирањето. Македонските мировни сили во Ирак и Авганистан, бескомпромисно со сојузниците ги делат искушенијата кои ја загрозуваат слободата. Половина од буџетот за македонската одбрана оди за контрибуција во Авганистан. Нашите мировници се заслужни за безбедноста на Базата во Кандахар, и се одликувани за операциите.

Зошто тогаш Македонија не е членка на НАТО? Заложник сме на бесмислен и виртуелен спор, невиден во светот. Нашиот сосед го попречува нашето членство и покрај тоа што ги имаме исполнето сите предуслови за членство. Само поради тоа што Грција има проблем со име на нашата држава, кое никому не штети и за кое не бараме ексклузивност. Грците имаат проблем и со нашиот идентитет, со името на нашата нација и јазик. Каков апсурд е тоа ќе сфатите само ако помислите некој да има проблем со тоа што се чувствувате и нарекувате Германци?! Или пак замислете Белгија да не дозволува членство на Луксембург во НАТО, само зашто има провинција Луксембург?! Да не е навредливо ќе е иронично, можеби за текстовите на Брехт, или пак Кафка, но тоа е суровата реалност. Грција не попречи за членство во НАТО, иако знаеше дека не смее, ако ние влегувавме под референцата доделена од ООН. Тоа решение Грците го прифатија со Времената спогодба која ја потпишавме уште во 1995 година, која е меѓународен договор чиј гарант е ООН. За да дојде до таа Спогодба ние сменивме знаме и устав, и се откажавме од грижа за нашето малцинство, само за да не бидеме попречени од Грција при наше зачленување во меѓународни организации, на што Грција се обврза. 

Неуспехот во Букурешт, меѓутоа, не не обесхрабри. Продолживме со напорите за влез и со придонесот во НАТО. Согласно дефиницијата на Бисмарк дека “политиката е уметноста на идното можно“, ние нашата можност ја побаравме пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, додека и понатаму остануваме посветени на дијалогот со Грција за изнаоѓање решение за спорот со Грција. Тужбата пред Меѓународниот суд на правдата резултираше со пресуда дека Грција ги прекрши своите обврски преземени согласно Времената спогодба од 1995, со тоа што се спротивстави на приемот на Република Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година под референцата определена од ООН. (МСП)Судот пресуди дека Македонија на ниту еден начин не ја прекршила Спогодбата, секогаш преговарала во добра волја, и стави крај на сите грчки дипломатски обиди да не набеди дека сме неконструктивни во преговорите.

Пресудата на Судот(МСП) е обврзувачка за двете страни и имплицира дека не постојат правни аргументи за Грција и понатаму да се спротивставува на пристапувањето на Македонија во НАТО. Согласно меѓународното право, Грција треба да се воздржи од натамошно попречување на членството на Македонија во НАТО. Поставувањето на услов “решете го името па влезете во НАТО” е кршење на меѓународното право и непочитување на пресудата на МСП. Оттаму, членките на НАТО, потпирајќи се врз меѓународното право на Самитот на НАТО во Чикаго, како и во Букурешт, да доделат членство на Република Македонија во НАТО, овој пат без други испорачани услови од Грција кои би биле во спротивност со меѓународното право. Се надевам дека Германија и НАТО членките ќе го земат предвид согледувањето на Судот дека Македонија никогаш не го прекршила начелото на добрососедски односи. Оттука, не постои никаква причина за одлагање на поканата за Македонија. Одлуката на Судот(МСП) е недвосмислена. Покрај тоа Грција нема потреба да стравува од Република Македонија. Треба да е силно заинтересирана да бидеме во ист сојуз како партнери. Сакаме пријателски односи со Грција и заеднички да ја градиме иднината на регионот. Сакаме и интензивирање на разговорите во спорот кој Грција го отвори.

Важно е да се знае дека членството на Македонија во НАТО нема да е товар за германските даночни обврзници. Македонија спроведува успешни економски политики, за што сме позитивно оценети од Светската банка, која годинава на вкупната листа на Doing business не рангираше на 22 место, пред 19 земји членки на ЕУ, а 5 години по ред не става во најдобрите светски реформатори. ММФ објави дека сме ниско задолжена земја со надворешен долг од 26% од БДП, втор најмал во Европа. Националната валута е цврсто стабилна, банкарскиот систем е ликвиден, а девизните резерви на највисоко историско ниво. “Ние сите живееме под исто небо, но не сите го имаме истиот хоризонт” велеше Аденауер. Се надеваме дека германскиот и македонскиот хоризонт ќе станат исти под капата на НАТО.