Попоски: Грција ја блокира Македонијан од митолошки причини

Членството на Македонија во НАТО и ЕУ е попречувано од Грција од митолошки причини, рече министерот за надворешни работи Никола Попоски на денешното предавање во естонското Министерство за надворешни работи на тема „Македонија на патот кон ЕУ и НАТО: чукање на отворена врата“.

- Во раните 90-ти години Грција реагираше на името Македонија со образложение дека нејзин регион го носи истото име што може да подразбира територијални претензии. Дваесет години подоцна се гледа дека тие претпоставки се неодржливи бидејќи денес е можна само инвазија на 500 илјади македонски туристи на грчките мориња. Каква подобра гаранција и е потребна на Грција од членството на Македонија во НАТО кога земјата ќе биде опколена со земји членки на Алијансата, а сите заедно ќе бидат под безбедносниот чадор, рече Попоски на предавањето организирано од Институтот за надворешни работи на кое присуствуаа и повеќе амбасадори на европски земји во Талин.

Мораме да се вратиме на суштината, истакна Попоски, посочувајќи оти балтичките земји ги надминаа меѓусебните разлики поради заедничкиот бенефит за целиот регион, а тој пример треба да го следи и Балканот.

- Македонија ги исполни сите обврски за членство во НАТО, при што половина од буџетот за одбрана е за потребите на НАТО мисиите. Ние сме меѓу земјите кои се најголеми контрибутори по глава жител, во Парламентот едногласно носиме одлуки за испраќање луѓе во мисии и даваме пари за нивната обука. Но, не видовме затворање на тоа поглавје, а тоа е членството во НАТО. Истото важи и за ЕУ перспективата бидејќи почива на принципот строго, но праведно. Строго во смисла дека се потребни исполнувања на критериумите, а праведно дека кога тие критериуми ќе се исполнат ќе дојде и членството во ЕУ. Но, ние тоа не го видовме поради Грција, и сите се надеваме дека Македонија ќе биде следната успешна приказна за бенефит на целиот Балкан, рече шефот на македонската дипломатија.