Ристовски: Нови средства за кредитирање на невработените за отпочнување бизнис

Невработените лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис тоа можат да го сторат преку проектот за самовработување со кредитирање, за што ќе можат да аплицираат од 11 овој месец до 2 март во работните клубови на 30-те центри за вработување во Македонија.

За реализација на проектот што го спроведува Владата преку Агенцијата за вработување, предвидени се околу 2,5 милиони евра, кои ќе бидат наменети за околу 500 бизниси.

- За дејности од помал обем за секое новоотворено работно место предвидени се по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу 3 работни места, односно 9.000 евра. За дејности со поголем обем за кредитобарателот 5.000 евра, за најмногу 5 вработени по 3000 евра. Грејс период за враќање на средствата од кредитот е една година, а каматната стапка од 1 отсто на годишно ниво, истакна на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Невработените кои сакаат да аплицираат за добивање ваков кредит треба да дадат гаранција за поврат на средствата со хипотека во однос 1:1, најмалку еден кредитоспособен жирант или рачен залог во однос 1:2 на одобрениот кредит.

Исто така, предвидено е сопствено учество на кредитобарателите во висина од 25 проценти од кредитот во вид на опрема, предмети или пари. Дополнителни стимулативни средства во висина од 1.000 евра се предвидени доколку се вработи лице кое е невработено по однос на стечај, ликвидација или технолошки вишок.

Министерот за труд и социјална политика појасни оти овој проект почнал да се спроведува во 2008 година, со кој на невработените им се дава можност за почеток на бизнис. Во рамки на проектот досега се поддржани 3.653 кредитобаратели, за вработување за 4.257 лица, а одобрена исплата на кредитни средства во износ од околу 12 милиони евра.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски појасни дека досегашните анализи покажале оти околу 80 проценти од започнатите бизниси се уште функционираат.