Премиерот Груевски во посета на Министерството за здравство

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 8 февруари 2012 година) во просториите на Министерството за здравство, оствари работен состанок со раководниот тим и со раководители на сектори и раководители на одделенија во министерството.

На средбата се разговараше за тековните проекти и активности во областа на здравството, во делот на превентивната, примарната, секундарната и терцијарната здравствена заштита.

Претседателот на Владата беше запознаен и со тековните активности кои ги спроведува министерството во насока на реконструкција и реновирање на постојните здравствени капацитети.

Се разгледа и процесот и динамиката, како и потребите на ставање во функција на новообезбедената опрема за јавните здравствени установи.

Беше даден осврт на состојбата со снабдување на лекови во државата, и санитарно-хигиенската и епидемиолошка заштита. Беше разгледуван и процесот на имплементација на новата методологија за утврдување на цените на лековите, а активностите беа оценети за позитивни.

Раководниот тим на министерството извести дека во крајна фаза е процесот на обезбедување на новообезбедени 80 возила кои ќе бидат алоцирани по здравствените установи за задоволување на интересите на пациентите и неговото финиширање се очекува во следните седмици.

Се разгледуваа модалитетите на квалитативно унапредување на повеќе законски решенија, и проектите за упатување на пациентите и креирањето на систем на распоред за прегледи на пациентите.