Вицепремиерот Пешевски се сретна со претседателот на Меѓународната федерација на автомобилизам Жан Тод

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економски ресори Владимир Пешевски денеска се сретна со претседателот на Меѓународната федерација на автомобилизам (ФИА) Жан Тод и со преставници на Авто-мото сојузот на Македонија и на Автомобилистичката федерација на Македонија.

Како што соопшти Кабинетот на Пешевски, на средбата беше нагласена потребата од зголемување на безбедноста на патиштата и патната инфраструктура, проширување на патната мрежа, подобрување на однесувањето на учесниците во сообраќајот и зголемување на квалитетот на здравстените услуги за жртвите во сообраќајни незгоди.

Покрај изразувањето подршка за развојот на мотоспортот во Македонија, вицепремиерот Пешевски информираше за идните активности на Владата во насока на унапредување на безбедноста во сообраќајот. Тој воедно го поздрави зачленувањето на Автомобилската федерација на Македонија, под уставно име, во ФИА.

Жан Тод ги презентираше плановите и активностите на Меѓународната автомобилска федерација за развивање на безбедноста на патиштата на национално, регионално и светско ниво кои се преземаат во рамки на кампањата „2011-2020 Декада на акција за безбедност на патиштата“, наведувајќи дека клубовите на ФИА повеќе од 100 години се инволвирани во имплементација и промоција на безбедноста во сообраќајот.

Кампањата „2011-2020 Декада на акција за безбедност на патиштата“ е усвоена од Генералното собрание на ОН и нејзиниот почеток беше одбележан во Македонија и ширум светот на 11 мај 2011 година.