Тодоров најави забрзана динамика во реконструкцијата на охридската болница

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во Охрид го образложи настанатиот проблем со реконструкцијата на старото болничко крило на Општата болница во Охрид, укажувајќи дека тој е  последица од лошата изведба на објектот при неговата изградба во 1960-те години.

- Со почетокот на реконструкцијата е утврдено дека проблемот е настанат уште во времето кога е изведувана болницата, која е изградена спротивно на првичниот проект, сеизмички нестабилна и оти мора сериозно да се зајакне. Направен е дополнителен проект од ИЗИС, објектот е сеизмички зајакнат. Изготвен е нов проект за реконструкција, со нов тендер за реконструкција зашто работите извршени од претходниот изведувач отстапувале повеќе од 30 отсто, истакна Тодоров.

Тој појасни дека процедурата околу изборот на нов субјект што ќе ја врши реконструкцијата е во тек, односно тендерот за изведбата е завршен, и дека право на учество во следната фаза на изборот на изведувачот обезбедиле два правни субјекта.

- Следниот чекор од постапката е електронска аукција, која е закажана за во вторник. Очекуваме аукцијата да почне од 195 милиони денари,  колку што е најниската понуда и таа да оди надолу, така што до крајот на овој месец би го склучиле договорот. Според одредбите од договорот, оној што ќе ја преземе работата има обврска во рок од осум месеци целосно да ги заврши предвидените активности и да ја предадеме болницата во употреба, рече министерот Тодоров.

Неколку стотини граѓани на Охрид денеска одржаа протест пред Општата болница, организиран од активисти на Здружението на граѓани „Младински центар“, на кој изразија незадоволство поради стопираните активности во реконструкцијата на старото болничко крило.

Во врска со протестот, Тодоров рече дека имал намера да ги информира организаторите на протестот за текот на реконструкцијата.

- Протестот е нивно демократско право, иако сметам дека нема причина зошто да протестираат, бидејќи мора да се запазат законските процедури за изнаоѓање нов изведувач на работите, рече Тодоров и додаде дека  несаканата ситуација настаната со реконструкцијата на болницата во Охрид ја наследил од неговиот претходник, а негова е обврската да внесе нова динамика во процесот и максимално да се ангажира за што поскоро завршување.

Учесниците на протестот пред болницата побараа одговорност на сите инволвирани во проблемот, објавување на договорот склучен со претходниот изведувач и извинување од институциите. Најавија порадикални мерки доколку итно не почне решавањето на проблемот, односно обезбедување елементарна здравствена заштита на граѓаните на Охрид.

Градоначалникот на Охрид Александар Петрески, кој вчера со министерот Тодоров дебатираше за проблемот на една локална телевизија, потсети на неговиот предлог пред почетокот на реконструкцијата - наместо обнова на стариот објект да се отпочне изградба на целосно нова болница во Охрид.

- Немаше потреба да се урива стариот објект, туку требаше да се изгради нова болница, а одделенијата од старата да се префрлат во новиот објект и на тој начин побрзо граѓаните да имаат соодветна здравствена заштита, рече Петрески.

За најавеното забрзување на процесот на реконструкцијата на старото болничко крило, Петрески е уверен дека овојпат ќе биде спроведено во најавените рокови зашто, како што рече, тогаш ќе бидат во полн ек претстојните локални избори.

Реконструкцијата на старото болничко крило на Општата болница во Охрид почна во септември 2010 година, а проектот од 2,1 милиони евра требаше да биде завршен за околу 16 месеци. Во него беа сместени одделенијата за хирургија, урологија, гинекологија и за уво, нос и грло. Реконструкцијата пред околу шест месеци беше целосно стопирана, а спроведената ревизија покажа отстапки во градежните активности на објектот.

Првиот меѓународен тендер за реконструкција на охридската болница го доби бугарската компанија „ГБС“ од Благоевград, додека за изведувач на градежните работи беше задолжена скопската градежна фирма „ДОТ Архитекти“, според проект на „Иванов инженеринг“ од Битола.

Пред Општина Охрид речиси истовремено со протестот за болницата се одржа и протест на група граѓани, инициран од Здружението „Христо Узунов“.Тие изразија незадоволство од одлуката на локалната самоуправа за покачување на цената на водата од градскиот водовод и,  како што наведоа, постоењето планови за продажба на МЈП „Проаква“ на странски партнери. Посочија дека тоа е обид за отуѓување на богатството на граѓаните на Охрид и загрозување на  Охридското Езеро како национално богатство.