Министерот Бесими присуствуваше на Молитвениот појадок во Вашингтон

Mинистерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими, заедно со шефот на дипломатијата Никола Поповски и министерот за образование Панче Кралев, синоќа во Вашингтон, САД, присуствуваше на традиционалниот Молитвен појадок организиран од страна на американскиот претседател, Барак Обама. При тоа, министерот Бесими имаше можност кратко да поразговара и со државниот секретар на САД, Хилари Клинтон. На средбите со претставници на Конгресот и на Сенатот на САД, тој го потенцира успешниот реформски процес кој непрекинато тече во Министерството за одбрана и во Армијата на Република Македонија, а воедно беше потврдена и цврстата определба на Република Македонија за членство во НАТО-алијансата.

За време на посетата во Атлантскиот совет, министерот Бесими имаше можност да ги презентира и досегашните достигнувања на Република Македонија во насока на исполнување на критериумите за членство во Алијансата, процес кој ужива голема поддршка и од политичките партии во земјата, но и од граѓаните на Република Македонија.

Како што истакна министерот, токму членството во НАТО, гледано во поширока смисла, би овозможило регионот да ги избегне предизвиците кои можат да се јават поради застојот во овој интегративен процес и да стане кредибилен придонесувач кон глобалниот мир, што е од интерес на Република Македонија, на регионот вклучувајќи ја и Република Грција, но и на НАТО, во целина.

Министерот Бесими се сретна и со претставниците на Обединетата македонска дијаспора и со Албанско-американскиот совет, на кои им биле претставени активностите преземени од Република Македонија за интегрирање во НАТО и значењето  на тој процес. Од нив била побарана и континуирана поддршка при артикулирање на ставовите на Република Македонија поврзани со процесот на зачленување во НАТО-алијансата.