МТСП го честита Меѓународниот ден на социјалната правда

Ги повикуваме пратениците да гласаат за социјалната реформа, заедно да изградиме поправедно и вистинско хумано општество.

Социјалната правда е основен предуслов за мир и просперитет во една држава. По повод денешниот Меѓународен ден на социјалната правда, ги повикуваме пратенците да ги гласаат Законите од социјалната и детската заштита кои се во собраниска процедура, за заедно да изградиме поправедно и вистински хумано општество за сите наши граѓани.

Со овие закони Министерството за труд и социјална политика ја спроведува социјалната реформа, со која ќе извлечеме 400 илјади граѓани над линијата на сиромаштија, но и ќе обезбедиме еднакви шанси за секое дете. Имено, со овие реформи пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати. Детскиот додаток место досегашните 3.200 деца ќе го користат 73.500 деца, а образовниот наместо 3.800 деца, 64.316 деца.

Наша крајна цел е со овие додатоци да ја намалиме детската сиромаштија, која во моментот изнесува близу 30%. Ова значи дека едно од три деца живее во сиромаштија. Нашиот фокус го насочуваме кон тоа да им помогнеме токму на овие семејства. Со социјалната реформа за првпат системот го отвораме за лицата со ниски примања. Така, додатоците за семејства со деца кои живеат во сиромаштија ќе се зголемат за повеќе од 100.

Истовремено, со новиот пакет закони социјалната помош се зголемува за 300%, но овозможуваме и полесна активација на невработените на пазарот на труд. Со воведување на социјалната пензија обезбедуваме достоинствен живот за оние кои го граделе нашето општество, а немаат извор на приход од кој можат да се издржуваат.

Со социјалната реформа овозможуваме праведна распределба на средствата, кои ќе бидат насочени кон оние на кои навистина им се потребни. Ги повикуваме сите пратеници, да се обединат и да ја изгласаат оваа реформа со која создадеме поправедно општество за сите наши граѓани и на сите следни генерации им обезбедуваме подобар живот.