Груевски пред британската бизнис делегација ги претстави поволностите за инвестирање во Република Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и дел од владиниот економски тим заедно со британска бизнис делегација предводена од принцот Мајкл од Кент денеска одржаа бизнис форум.

На форумот пред британската делегација, премиерот ги претстави поволностите за инвестирање во Република Македонија и реформите постигнати во сите области.

- Дозволете ми да ви посакам добредојде во Република Македонија која претставува европска земја во подем. Тоа што во оваа прилика не удостоивте со вашето присуство е доказ за важноста која Обединетото Кралство и ја придава на Македонија и нејзините напори за приклучување кон европското семејство на народите. Всушност, ние сме длабоко уверени дека институционалните и структурните реформи, забрзани со перспективите за членство во ЕУ и НАТО се најважните составни делови за една успешна стратегија за економски раст, рече премиерот Груевски.

Оваа Влада, истакна, постигна значителен напредок во создавањето поволно бизнис опкружување.

- Пред неколку месеци според Извештајот на Светската банка „Дуинг бизнис“ за 2012 година, Македонија беше прогласена за трет најдобар реформатор во светот и беше рангирана на 22-то место на неговата листа на светски економии, значително повисоко од сите други земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа, а пред 19 земји-членки на Европската унија. Значително ги намаливме даноците на добивка и на личен доход и го направивме даночниот систем транспарентен и ефикасен, информираше Груевски.

Премиерот потенцираше дека ослободувањето од одданочување на реинвестираната добивка, односно на добивката која што нема да се распредели, ја поттикна домашната побарувачка за инвестиции и привлекоа во земјата голем број странски инвестиции во последните години.

Владата, рече Груевски, воведе поголем број специјални погодности во технолошко-индустриските развојни зони, а динамиката на заздравувањето од светската економска криза, според премиерот, е особено интензивна.

- Македонија беше високо оценета и од „Транспаренси интернешнал“ за постигнатиот напредок во однос на перцепцијата на корупцијата, каде имаме напредок за околу 40-тина места во последните пет години. Вложуваме максимални напори за стимулирање на производството и всадување доверба и оптимизам, додаде Груевски, потенцирајќи ги и крупните реформи во правниот систем.

Принцот Мајкл обраќајки се на форумот рече дека нивната посета следи по посетата на премиерот Груевски на Лондон лани во ноември кога биле поставени основите на она што денеска се прави.

- Ќе разговараме со голем ентузијазам за нештата кои ќе бидат покриени следните денови, додаде принцот, по чие обраќање поединечно се претставија членовите на британската бизнис делегација и го нагласија фокусот на нивното интересирање за инвестирање во Македонија.

Принцот Мајкл од Кент заедно со високата бизнис делегација ќе престојува во работна посета на земјата до 1 февруари.