Груевски: Македонија сериозно партиципира во активностите на НАТО, сите треба да се вклучат во лобирање пред Самитот во Чикаго

Сите треба да се вклучат во лобирање и во создавање позитивна клима и атмосфера, вклучувајќи ја и воената дипломатија, како дел од нашата стратегија. Тие имаат добиено прецизни инструкции, затоа што Македонија многу сериозно партиципира во активностите на НАТО и сигурно дека ќе направат се што е во нивна моќ.

Ова е одговорот од премиерот Никола Груевски на новинарското прашање како ја оценува идејата од Министерството за одбрана за засилена активност и лобирање на воените претставници во пресрет на Самитот на НАТО, што треба да се одржи во мај во Чикаго, САД.

- Воениот дел на Алијансата многу добро знае што значи Македонија во нивните редови. Можеби политичкиот дел тоа не го чувствува така силно како што го чувствува воениот, но знам дека воениот дел го чувствува во вистинската смисла на зборот затоа што тие се на терен, нивните луѓе со кои директно се комуницира се на терен, а знаеме дека од терен се добиваат највисоки оценки за активностите на македонската војска во рамки на НАТО, изјави премиерот Груевски денеска по пуштањето во употреба на двете двојни тениски игралишта во општина Илинден.