Министерот Кралев го промовираше новиот интернет портал „Наука.мк“

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска на факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје го промовираше новиот интернет портал „Наука.мк“.

Идејата на проектот, нагласи Кралев, е да се создаде веб апликација која ќе претставува јавен регистар на научници во Македонија, а ќе овозможи и следење на развојот на кариерата на секој наставно-научен работник во јавните научно - образовани институции во Република Македонија.

- Крајната цел на МОН е да се изгради систем кој ќе овозможи евиденција на сите научни и образовани активности на научниот и наставниот кадар на јавните научно-образовни установи. Овој систем ќе се интегрира со веќе постоечките системи кои ги поседува Министерството односно со системот за аплицирање за научно истражувачките проекти, појасни министерот Кралев.

Модулот, покрај личните податоци за секој научен работник, вклучува и степен на образование, историја на вработувања, избор во научно-образовни звања на соодветните институции, а овозможува и дефинирање и одржување на една или повеќе класификации на научните области и подобласти.