Ставрески: Мерките на Владата за стопанството ќе овозможат дополнително намалување на трошоците за фирмите

Мерките што Владата ги најави за стопанството ќе овозможат дополнително намалување на трошоците за фирмите, забрзување на процедурите за добивање документи и поедноставување во делот на добивање градежни дозволи, истакна денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Тој најави дека ќе се направат и напори заедно со ЕВН да се намали и цената на приклучокот за електрична енергија и да се скрати времетраењето што е потребно за да се добие тој приклучок бидејќи многу компании се жалеле на тоа.

- Во време на кога европската економија се соочува со сериозни предизвици секоја влада мора да остане активна и динамична и постојано да креира нови мерки и начини за да му помага на стопанството. Ние тоа го правиме со сите можности што ги имаме. Една од клучните мерки во таа насока е финансиската поддршка што ја обезбедивме од Европската банка со ниска камата за малите и средни претпријатија. Меѓутоа одиме и со 50 мерки коишто ќе овозможат дополнително намалување на трошоците за фирмите, забрзување на процесите за добивање на документи, а ќе има и дополнително поедноставување во делот на добивањето градежни дозволи, рече Ставрески, одговарајќи на новинарски прашање по денешниот официјален старт на активностите за 24-часовно стоково царинење на граничниот премин Табановце.

Вчерашното укинување на транзитната такса кон Србија, според вицепремиерот Ставрески, е значајно и ќе влијае на намалувањето на трошоците за македонските транспортери.

- Укинувањето на транзитната такса кон Србија беше едно од барањата на нашите транпортери и извозните компании. Вложивме напори во соработка со српската Влада и конечно успеавме во тоа. Благодарен сум на соработката што ја искажаа колегите од Србија бидејќи беше значајно прашање на нецаринска бариера која не е во склад со напорите за слободна трговија меѓу двете држави и потпишаните аранжмани. Конечно тоа се случи и верувам дека тоа ќе влијае на намалувањето на трошоците за нашите транспортери. Тоа беа сериозни трошоци коишто во вакви тешки времиња создаваат дополнителни проблеми. Затоа значајно е што го постигнавме ова и верувам дека транспортерите ќе бидат задоволни и ќе можат без дополнителни оптоварувања да ја превезуваат стоката низ Србија и кон Европа, истакна Ставрески.

Прашан дали очекува некоја нова инвестиција со денешното доаѓање на принцот Мајкл од Кент во Македонија, вицепремиерот Ставрески рече дека неговите очекувања се оти во следните неколку месеци ќе има најава за неколку инвестиции.

- Владата е во континуиран дијалог со повеќе инветитори. Очекувам дека во следните неколку месеци ќе имаме најава за неколку инвестиции. Компаниите се тие коишто ќе го соопштат тоа, но ние сме во разговориме во една одмината фаза. Има европски познати компании кои ќе овозможат вработувања на илјадници македонски работници. Во тој контекст е и доаѓањето на принцот. Ќе ја презентираме инвестиционата бизнис клима во Македонија и верувам дека некои од англиските бизнисмени со кои ќе дојде принцот врз   основа на она што ќе го видат во Македонија ќе стекнат уште подобро мислеење за нашата земја и тој процес е процес кој треба да се заокружи подоцна со реализација на некои инвестиции од Англија, рече Ставрески, одговарајќи на новинарски прашања.