Министерство за здравство: Информација за епидемијата на мали сипаници на територија на град Скопје

Информираме дека заклучно со вчерашниот ден (17.01.2019) во епидемијата од морбили (мали сипаници) се пријавени вкупно 75 случаи со симптоми на мали сипаници, а за 65 од нив е добиена лабораториска потврда. Возраста на заболените се движи од 8 месеци до 42 години. Најголем број од заболените припаѓаат на возрасната група од 1 до  4 години, а пет деца се на возраст до една година. Во возрасната група над 20 години се заболени 18 лица (27,7%). Во однос на полот, 34 случаи (52,3%) се женски лица. 
Според вакциналниот статус, 55 лица, односно 84,6% од заболените се невакцинирани  или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните деца, пак, 5 деца се на  возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.

Од вкупниот број заболени, 42 случаи (64,6%) биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, од кои 73,8% на возраст од 1 до 4 години. Кај 15 од нив (23,1%) се регистирани компликации, од кои најголем број, односно 12 (80%) се кај деца на возраст до 4 години.

За потсетување, во декември 2018 година беше прогласена епидемија на морибили на територијата на населба Радишани, општина Бутел со седум случаи на мали сипаници. Заради појава на зголемен број заболени лица од различни делови на Скопје, на 02.01.2019 пријавена е епидемија на територијата на град Скопје. Епидемијата се прошири на територијата на сите општини на град Скопје, досега најголем број (32,3%) на случаи се регистрирани од општина Аеродром. 

По прогласување на епидемија на територија на град Скопје, екипи на Центар за јавно здравје-Скопје и Здравствен дом-Скопје извршија увид во сите вакцинални пунктови. 
Согласно последните податоци, доставени од Здравствен дом-Скопје беше утврдено дека од 41.189 деца на возраст од 1 до 5 години, невакцинирани се 12.437 или 30% од децата кои подлежат за вакцинација, додека од вкупно 63.815 училишни деца на возраст до 14 години во град Скопје - невакцинирани се 3.924 деца (6.1%). Најголем број на невакцинирани деца се од  прво одделение, односно 1.532 од вкупно 7.494 првоодделенци (20%).   
Во текот на втората недела од 2019 се вакцинирани 817 деца на возраст до 14 години од кои од 92% се на возраст до 5 години. Инаку, вкупно од почетокот на епидемијата до 13.01.2019 се вакцинирани вкупно 2.925 деца.