Преземени мерки за решавање на здравствените и социјални проблеми на семејството на бранителот Драган Спасески од Прилеп

Градоначалникот Илија Јованоски, Националниот координатор за воени и полициски ветерани Стојанче Ангелов, Советник за одбрана на претседателот на Владата на РМ Драган Василески, Претседателот на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните 2001/2002 година Рубин Секулоски, Директорката на Здравствен дом Оливера Аџиоска и директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Живко Силјаноски, денеска го посетија домот на бранителот Драган Спасески, кој што пет години живее без струја и со бројни социјални и здравствени проблеми.

Градоначалникот Јованоски, по разговорот со бранителот Спасески и неговата сопруга, истакна дека ќе бидат преземени сите мерки во негова и и во надлежност на Општина Прилеп, со цел да се решат најгорливите проблеми на Спасески и на неговото семејство. Градоначалникот потенцираше дека Општина Прилеп ќе се заложи да се реши проблемот со повеќегодишниот неплатен долг за електрична енергија, којшто во моментов изнесува 91.843 денари, и ќе му биде исплатена парична помош.

Националниот координатор за прашања поврзани со воено-полициските бранители Стојанче Ангелов, за време на посетата истакна дека државата, преку соодветните здравствени и социјални институции ќе ја исполни својата обврска да се грижи за бранителите од 2001 година како што е Драган Спасески, како и на сите останати во решавањето на нивните проблеми и за стекнување на правата коишто им следуваат.

Директорката  на Здравствен дом Оливера Аџиоска, со екипа од Службата за домашно лекување, определи соодветна терапија и предложи хоспитализација на Драган Спасески, после која тој редовно ќе биде посетуван од екипите на службата за домашно лекување.