Во Клиничката болница во Битола пуштена во употреба нова медицинска опрема вредна 3,5 милиони евра

Премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров денеска во Клиничката болница во Битола ја пуштија во употреба новата медицинска опрема вредна 3,5 милиони евра.

- Со оваа опрема имаме револуционерно издигнување на Клиничката болница во Битола и добро е што се е придружено со соодветна обука на лекарите која се одвива тука, а дел и во странство. Ваква опрема за прв пат доаѓа во историјата на оваа болница, што значи не станува збор за замена на стари или дотраени апарати, туку за целосно нови кои ќе им користат на граѓаните на Битола, но и од околните општини, истакна премиерот Груевски.

Постигнавме, нагласи, голем ефект, иако некои велат дека овој чекор можеби е политички. - Мене посебно ми е драго што ќе им помогнеме на многу луѓе, ќе спасиме многу животи бидејќи им создадовме услови на лекарите да им помогнат на многу луѓе од овој регион, појасни премиерот Груевски.

Министерот за здравство Тодоров посочи дека денешниот настан е потврда дека функционира имплементацијата на владиниот проект за набавка на нова медицинска опрема за сите јавни здравствени установи во Македонија.

- Промовиравме три апарати, односно компјутерска томографија, магнетна резонанца и литотриптер со кои веќе се извршуваат од 20 до 50 интервенции по апарат. Лекарскиот персонал е обучен за ракување со овие апарати, а се врши и дополнителна едукација за лекари специјалисти или друг помошен медицински персонал, истакна Тодоров.

Вкупната инвестиција на нова медицинска опрема во Клиничка болница-Битола изнесува повеќе од 5,5 милиони евра и е најголема инвестиција во опрема што е направена во таа здравствена установа од нејзиното формирање.