Груевски: Одлуката на Уставниот суд за лустрацијата донесена под притисок на одредени фактори

Премиерот Никола Груевски денеска оцени дека одлуката на Уставниот суд да се стопира лустрацијата за поранешни функционери, новинари, членови на организации, адвокати и медијатори е донесена под притисок на одредени фактори кои имаат интерес да се сруши процесот.

- Да бидам поконкретен, тоа се луѓе кои во минатото биле кодоши и сега се плашат тоа да не се обелодени, значи кои што кодошеле луѓе заради личен интерес, напредок  во кариера или слично, а некаде и за пари, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на најсовремената медицинска опрема во Клиничката болница во Битола.

За да постигнат сличен успех во кариерата, посочи Груевски, кодошеле на основа на тоа какво политичко размислување и идеологија имаат. - Тие не кодошеле луѓе кои биле против државата или терористи, туку кои имале различно политичко убедување. И заради тоа тие луѓе се нашле во затвори, а на многу од нив насилно им бил прекинат животот. И тие сега не сакаат да има лустрација докрај затоа што видоа дека тргна работата и покрај сите проблеми и блокади што ги имаше внатре во Комисијата од неколку личности. И кога видоа дека не можат на тој начин да закочат, извршија сериозен притисок врз, претпоставувам, дел од Уставниот суд со цел да го закочат процесот, рече Груевски.

Тој додаде дека ќе почекаат да видат што точно е оспорено и зошто и потоа ќе заземат став кои чекори ќе ги преземат во иднина. - Но, нема да застанеме тука, нагласи премиерот Груевски.